Бирол: ИЕА засега не разговара за ново ослободување на стратешките резерви на нафта

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) засега не разговара за второ ослободување на нафтата од стратешките резерви, изјави денеска извршниот директор на агенцијата Фатих Бирол.

– Не во овој момент, одговори Бирол на прашањето дали ИЕА разгледува ново ослободување на стратешките резерви.

Тој посочи дека агенцијата внимателно ги следи состојбите на нафтените пазари, додавајќи дека по ослободувањето на 400 милиони барели во март, во стратешките резерви сè уште се наоѓаат околу 80% од залихите.

РЕКЛАМА

Изјавата на Бирол доаѓа во услови на зголемена нестабилност на нафтениот пазар поради нарушувањата во снабдувањето од Блискиот Исток и неизвесноста околу понатамошниот развој на конфликтот меѓу САД и Иран.

Загриженост и за европските резерви на гас

Шефот на ИЕА истовремено изрази загриженост за состојбата со резервите на природен гас во Европа.

Според податоците на платформата за транспарентност AGSI, европските складишта во моментов се пополнети со околу 62%, додека целта на Европската Унија е до 1 декември да достигнат 80%.

Бирол оцени дека залихите се под историскиот просек, во услови кога Европа сè уште се надева на дополнителни количества гас од Блискиот Исток.

– Залихите се пониски од историските просеци и сè уште се надеваме дека ќе добиеме гас од Блискиот Исток, а во исто време Европа се обврза целосно да го укине увозот на руски гас, изјави тој.

Според Бирол, доколку Европа се соочи со студена и тешка зима, може да има проблеми со снабдувањето и цените на природниот гас.

Предупредувањето доаѓа во период кога европскиот гасен пазар останува чувствителен на прекините во глобалното снабдување, особено поради намалената достапност на течен природен гас од Блискиот Исток.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил