Бирол: Нафтениот пазар може да влезе во „црвена зона“ во јули и август

Глобалниот нафтен пазар би можел да влезе во „црвена зона“ во текот на јули и август доколку не дојде до подобрување на состојбата на Блискиот Исток и обновување на извозот на нафта од регионот, предупреди извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол.

Говорејќи на конференција организирана во Chatham House во Лондон, Бирол изјави дека комбинацијата од летната сезона на висока побарувачка за горива, ограничениот извоз од Блискиот Исток и намалувањето на резервите создава сериозен ризик за дополнително затегнување на пазарот.

„Можеби влегуваме во црвената зона во јули или август доколку не видиме подобрување на ситуацијата“, изјави Бирол, алудирајќи на кризата со снабдувањето предизвикана од војната со Иран.

РЕКЛАМА

Според проценките, нападите врз енергетската инфраструктура и фактичкото затворање на Ормускиот Теснец од страна на Иран исфрлиле од пазарот повеќе од 14 милиони барели дневно нафта од Блискиот Исток што ИЕА го оценува како најголемата нафтена криза во историјата.

Бирол предупреди дека сегашниот вишок на нафта на пазарот, заедно со координираното ослободување на 400 милиони барели од стратешките резерви на земјите-членки на IEA, не е доволно за целосно стабилизирање на ситуацијата.

„Најважното решение е целосно и безусловно отворање на Ормускиот Теснец“, нагласи тој.

Во моментов, стратешките резерви се пуштаат на пазарот со темпо од околу 2,5 до 3 милиони барели дневно. Според пресметките, количините од првичната интервенција би можеле да бидат исцрпени до почетокот на август, периодот кога ИЕА очекува најголем ризик за пазарот.

Бирол додаде дека агенцијата е подготвена да координира и ново ослободување на резерви доколку кризата продолжи.

Истовремено, тој предупреди дека обновувањето на производството и рафинериските капацитети на Блискиот Исток ќе биде бавно и нерамномерно.

„Најмногу се плашам за Ирак“, изјави Бирол, објаснувајќи дека земјата е сериозно погодена од падот на приходите од нафта, а недостигот од складишни капацитети ја принудил да затвори дел од нафтените полиња, чиј рестарт може да биде сложен и скап процес.

Од друга страна, земји како Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати имаат подобар пристап до финансии и современи технологии, што би можело да овозможи побрзо закрепнување на нивниот енергетски сектор.

Во меѓувреме, цената на суровата нафта Брент се движи околу 108 долари за барел, значително над нивото од околу 70 долари пред почетокот на конфликтот со Иран, иако под рекордните 126 долари достигнати во екот на кризата.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил