Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) разгледува можност за одобрување заем од 53 милиони евра за изградба на соларна електрана и батериски систем за складирање енергија во Албанија.
Средствата се наменети за компаниите SPV Blue 2 и SPV Blue 3, кои стојат зад проектот „Blue“, а ќе бидат искористени за изградба и управување со соларна фотонапонска централа со капацитет од околу 160 MWp, како и батериски систем за складирање енергија (BESS) со моќност од 60 MW.
Според информациите објавени од ЕБОР, проектот би можел да добие и дополнителна поддршка преку механизмот за покривање на ризик од загуби на Европскиот фонд за одржлив развој (EFSD+), кој поддржува инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска транзиција.
Проектот „Blue“ се состои од три соларни електрани, кои првично беа планирани со вкупен капацитет од околу 136 мегавати. Сопственици на компаниите што го реализираат проектот се албанската групација Blessed Investment и градежната компанија Matrix Konstruksion.
Сопственикот на Blessed Investment, Бесник Лескај, претходно најави дека компанијата планира дополнително проширување на проектот со уште 400 мегавати нови капацитети.
Претходните фази од проектот веќе добија финансиска поддршка од домашни и меѓународни финансиски институции. Blue 1 и Blue 2 беа финансирани со заем од 20 милиони евра од банкарски конзорциум предводен од Tirana Bank, во кој учествуваат и Union Bank, Intesa Sanpaolo Bank Albania и OTP Bank Albania.
Дополнително, Blue 1 доби и заем од 28 милиони евра од Green for Growth Fund. Првата електрана почна со производство на електрична енергија во мај 2024 година, додека Blue 2 беше пуштена во работа една година подоцна.
Извор: SeeNews.com
