ИРЕНА: Обновливите извори со батериско складирање веќе обезбедуваат поевтина и сигурна струја 24/7

Абу Даби, 6 мај 2026 – Соларната и ветерната енергија комбинирани со батериски системи за складирање веќе денес обезбедуваат сигурна и економски исплатлива електрична енергија 24 часа дневно, покажува најновиот извештај на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА).

Во извештајот „24/7 обновлива енергија: економијата на сигурната соларна и ветерна енергија“ се наведува дека хибридните системи кои комбинираат сонце, ветер и батерии во регионите со висок потенцијал за обновливи извори произведуваат електрична енергија по пониска цена од фосилните горива.

Според анализите на ИРЕНА, трошоците за производство на електрична енергија од соларни централи со батериско складирање се движат од 54 до 82 американски долари за мегават-час во најповолните региони. За споредба, новите јагленски електрани во Кина произведуваат струја по цена од 70 до 85 долари за мегават-час, додека новите гасни електрани глобално надминуваат 100 долари за мегават-час.

РЕКЛАМА

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави дека најголемата енергетска криза во последните децении ги покажала вистинските трошоци од зависноста од фосилните горива.

„Обновливата енергија сè повеќе станува најдостапната, најсигурната и најбезбедната опција. Треба да ја забрзаме транзицијата, да инвестираме во енергетска инфраструктура и да ја зајакнеме меѓународната соработка за да обезбедиме чиста домашна енергија за сите“, порача Гутереш.

Генералниот директор на ИРЕНА, Франческо Ла Камера, нагласи дека тврдењето оти обновливите извори не можат да обезбедат стабилно снабдување со електрична енергија повеќе не важи.

„Денес обновливите извори можат да обезбедат сигурна енергија 24 часа дневно. Револуцијата во батериските технологии значително ги намали трошоците и го забрза развојот на системите за складирање. Предноста на обновливите извори не е само економска, туку и стратешка, бидејќи ја зајакнува енергетската безбедност и отпорноста во време на кризи“, изјави Ла Камера.

Извештајот покажува дека трошоците за технологиите за обновлива енергија драматично се намалиле во последните 15 години. Од 2010 година наваму, цената на соларните фотоволтаични системи паднала за 87%, на копнените ветерни електрани за 55%, а на батериските системи дури за 93%.

Дополнително, проектите за обновлива енергија се реализираат многу побрзо од традиционалните електрани, најчесто во рок од една до две години по добивањето дозволи и приклучок на електричната мрежа.

ИРЕНА прогнозира дека до 2030 година трошоците за хибридните системи ќе се намалат за уште околу 30%, а до 2035 година за околу 40%, со што цената на сигурната обновлива енергија во најдобрите локации би паднала под 50 долари за мегават-час.

Како пример за успешна примена се наведува комплексот Al Dhafra Solar PV во Обединетите Арапски Емирати, кој комбинира соларна енергија и батериско складирање и веќе обезбедува еден гигават стабилна чиста електрична енергија по цена од околу 70 долари за мегават-час.

Во извештајот се истакнува и дека ваквите системи се особено важни за индустрии со голема потрошувачка на електрична енергија, како центрите за вештачка интелигенција и дата-центрите, кои бараат непрекинато снабдување со струја.

Извор: Irena.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил