Дата-центрите стануваат една од најважните инфраструктури во светот, бидејќи токму тие стојат зад развојот на вештачката интелигенција, облачните сервиси, онлајн комуникацијата и складирањето на огромни количини податоци. Со растот на AI технологиите, расте и потребата од нови серверски капацитети низ светот.
Според најновиот AI Index Report 2026 на Универзитетот Стенфорд, САД остануваат убедлив лидер со 5.427 дата-центри, што е повеќе од десет пати повеќе од која било друга земја. Дополнително, Америка троши и најмногу енергија за оваа индустрија, што ја покажува големината на нејзината технолошка доминација.
Табела: Број на дата центри по држави и региони (2025)
| Ранг | Држава / Регион | Број на дата центри |
|---|---|---|
| 1 | САД | 5,427 |
| 2 | Европска Унија | 2,269 |
| 3 | Германија | 529 |
| 4 | Обединето Кралство | 523 |
| 5 | Кина | 449 |
| 6 | Канада | 337 |
| 7 | Франција | 322 |
| 8 | Австралија | 314 |
| 9 | Холандија | 298 |
| 10 | Русија | 251 |
| 11 | Јапонија | 222 |
| 12 | Бразил | 197 |
| 13 | Мексико | 173 |
| 14 | Италија | 168 |
| 15 | Индија | 153 |
| 16 | Шпанија | 144 |
| 17 | Полска | 144 |
| 18 | Швајцарија | 121 |
На второ место во светот се наоѓа Германија со 529 дата-центри, веднаш пред Велика Британија со 523. Зад нив е Кина со 449 дата-центри, што покажува дека Европа и натаму има силна позиција во глобалната дигитална инфраструктура.
Во групата најразвиени држави следуваат Канада со 337 дата-центри, Франција со 322, Австралија со 314 и Холандија со 298. Русија и Јапонија ја заокружуваат првата десетка.
Ако се гледа како целина, земјите од Европската Унија располагаат со 2.269 дата-центри, што претставува 42% од американскиот капацитет. Со вклучување на Велика Британија, Европа достигнува околу половина од бројот на дата-центри што ги имаат САД.
Најголемата концентрација на вакви капацитети е во западниот дел на Европа. По Германија и Британија, следуваат Франција, Холандија, Италија, Шпанија и Полска. Главни центри за инвестиции се Франкфурт, Лондон, Амстердам, Париз и Даблин, градови кои привлекуваат компании поради развиената интернет инфраструктура, стабилните регулативи и силната побарувачка од бизнис секторот.
Во извештајот се наведува дека развојот на AI не забавува, туку забрзува. Во 2025 година, повеќе од 90% од најнапредните AI модели биле развиени од приватниот сектор, а дел од нив веќе достигнуваат или надминуваат човечки резултати на докторски научни прашања, комплексно логичко размислување и натпреварувачка математика.
Особено значаен е и технолошкиот дуел меѓу САД и Кина. Според Стенфорд, разликата во перформансите меѓу американските и кинеските AI модели речиси целосно исчезнала. Двете земји повеќепати го менувале водството во текот на 2025 година, што покажува дека глобалната AI трка станува сè поизедначена.
Во економскиот дел од извештајот се наведува дека САД и натаму водат според приватни инвестиции во AI, кои во 2025 година достигнале 285,9 милијарди долари. Тоа е повеќе од 23 пати над кинеските 12,4 милијарди долари приватни вложувања.
Истовремено, употребата на генеративна вештачка интелигенција се шири со рекордно темпо. За само три години, оваа технологија достигнала 53% користење кај населението во одредени пазари, побрзо отколку што во минатото се ширеле персоналните компјутери или интернетот.
Балканот сè уште зад европскиот просек
Балканските земји засега имаат ограничено присуство на мапата на европските дата-центри. Најмногу се издвојува Турција со 35 центри, додека Македонија е пред дел од земјите од регионот како Косово, Албанија и Црна Гора, но зад Србија, Хрватска, Бугарија, Грција и Романија, кои имаат поразвиена дигитална инфраструктура и поголеми инвестиции.
Причините за послабиот развој во регионот најчесто се поврзани со ограничен пазар, недоволно силна енергетска мрежа и помал интерес од големите глобални технолошки компании.
Сепак, експертите оценуваат дека Балканот има потенцијал за раст, особено поради пониските трошоци за работа, достапното земјиште и географската позиција меѓу Европа и Азија. Дополнителна можност е растечката потреба за нови европски дата-центри надвор од традиционалните западноевропски пазари.
Според Светска банка, клучни фактори за изградба на нови дата-центри се сигурното снабдување со електрична енергија, брзата интернет мрежа, достапноста на земјиште и политичката стабилност.
Со растот на вештачката интелигенција, токму дата-центрите ќе бидат основата на идната дигитална економија, а земјите што денес вложуваат во оваа инфраструктура утре ќе имаат сериозна технолошка предност.
Број на дата центри по држави во Европа (2025)
| Ранг | Држава | Број на дата центри (2025) |
|---|---|---|
| 1 | Германија | 529 |
| 2 | Обединето Кралство | 523 |
| 3 | Франција | 322 |
| 4 | Холандија | 298 |
| 5 | Италија | 168 |
| 6 | Индија | 153 |
| 7 | Шпанија | 144 |
| 8 | Полска | 144 |
| 9 | Швајцарија | 121 |
| 10 | Шведска | 95 |
| 11 | Белгија | 81 |
| 12 | Австрија | 68 |
| 13 | Украина | 58 |
| 14 | Ирска | 55 |
| 15 | Данска | 50 |
| 16 | Финска | 48 |
| 17 | Норвешка | 47 |
| 18 | Турција | 35 |
| 19 | Чешка | 34 |
| 20 | Романија | 31 |
| 21 | Латвија | 27 |
| 22 | Бугарија | 24 |
| 23 | Луксембург | 23 |
| 24 | Португалија | 21 |
| 25 | Литванија | 18 |
| 26 | Унгарија | 15 |
| 27 | Словачка | 14 |
| 28 | Грција | 14 |
| 29 | Словенија | 13 |
| 30 | Србија | 12 |
| 31 | Хрватска | 9 |
| 32 | Молдавија | 7 |
| 33 | Малта | 6 |
| 34 | Македонија | 6 |
| 35 | Исланд | 6 |
| 36 | Кипар | 6 |
| 37 | Грузија | 4 |
| 38 | Босна и Херцеговина | 2 |
| 39 | Албанија | 1 |
Енергетика 24
