Војната меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга, како и затворањето на Ормускиот теснец, предизвикаа најголем прекин во снабдувањето со нафта во современата историја според дневниот обем на изгубено производство, покажуваат пресметките на агенцијата Ројтерс врз основа на податоци од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) и американското Министерство за енергетика.
Меѓународната агенција за енергија оцени дека актуелниот конфликт претставува најтешка енергетска криза со која се соочил светот, особено кога ќе се земат предвид и последиците од европската гасна криза што започна по руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Поинаква криза од сите претходни
За разлика од претходните енергетски шокови, сегашната криза истовремено ги погодува пазарите на сурова нафта, природен гас, рафинирани горива и ѓубрива. Тоа открива нови слабости во глобалниот систем создадени од деценискиот раст на побарувачката, зголемената меѓународна трговија и засилената улога на Блискиот Исток како снабдувач не само на суровини, туку и на готови горива.
Нафтените кризи од 1970-тите оставија долгорочни економски последици, предизвикаа политички потреси и останаа длабоко врежани во колективната меморија на индустриските земји, особено во САД, каде граѓаните со месеци чекаа во редици пред бензинските пумпи.
Над 12 милиони барели дневно изгубено производство
Според ИЕА, сегашниот прекин достигнал повеќе од 12 милиони барели дневно, што е еквивалент на 11,5% од светската побарувачка, која годинава се очекува да изнесува околу 104,3 милиони барели дневно.
Тоа е значително повеќе од претходните големи кризи:
- Арапското нафтено ембарго (1973-74) – 4,5 милиони барели дневно
- Иранската револуција (1978-79) – 5,6 милиони барели дневно
- Заливската војна (1991) – 4,3 милиони барели дневно
Погоден и глобалниот пазар на гас
Војната со Иран доведе и до прекин на околу една петтина од светското производство на течен природен гас (ЛНГ) во Катар. Денешниот свет троши многу повеќе гас отколку во времето на кризите од 1970-тите и 1990-тите, кога ЛНГ индустријата допрва се развиваше. Катар првпат извезе ЛНГ во 1996 година.
Кризата не застанува само кај нафтата и гасот. Нарушено е и производството и извозот на милиони барели горива дневно од рафинериите во Персискиот Залив, што веќе предизвикува недостиг од дизел и авионско гориво.
Големите рафинерии изградени во Заливот во последните децении имаат клучна улога во снабдувањето на Африка, Европа и Азија.
Загуби поголеми од повеќето историски кризи
Според пресметките на Ројтерс, конфликтот до сега трае 52 дена, а од пазарот се изгубени околу 624 милиони барели нафта, ако се земе просечен недостиг од 12 милиони барели дневно.
Иако Иранската револуција имала помал дневен удар, нејзините вкупни последици биле поголеми. Според американското Министерство за енергетика, иранското производство од 1978 до 1981 година било намалено во просек за 3,9 милиони барели дневно, што значи околу 4,27 милијарди барели изгубено производство за три години.
За споредба, Арапското ембарго од 1973-74 година резултирало со загуба од меѓу 530 и 650 милиони барели, што е приближно слично на сегашниот конфликт.
Заливската војна во 1991 година, која траеше околу четири месеци, довела до загуба од најмалку 516 милиони барели, што е помалку од актуелната криза.
Зошто оваа криза е потешка
Во претходните нарушувања, земјите со слободен капацитет, како Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, можеа да помогнат во стабилизирање на пазарот. Денес тие не можат целосно да интервенираат бидејќи и самите се погодени од прекините преку Ормутскиот теснец.
Токму затоа аналитичарите предупредуваат дека дури и ако наскоро се постигне мировен договор, нарушувањата во снабдувањето со нафта би можеле да траат со месеци, а кај природниот гас и со години.
Недостиг најпрво во Азија и Африка
Првичните последици најсилно се чувствуваат во Азија и Африка, региони кои во голема мера зависат од увоз на енергенси и горива од Блискиот Исток. Сепак, продолжување на кризата би значело раст на цените и посериозен удар врз Европа и останатите големи економии.
Светот повторно се соочува со суровата реалност дека и натаму останува зависен од стабилноста на Блискиот Исток, без разлика на напредокот во обновливите извори на енергија.
Извор: Ројтерс
