Работната група за енергетска унија повика на засилена координација на ниво на Европската Унија со цел да се обезбеди долгорочна енергетска сигурност, иако во моментов не постои непосреден ризик за снабдувањето со нафта и гас.
На состанокот одржан минатиот четврток, посветен на состојбите по случувањата на Блискиот Исток, високи претставници од земјите членки и Европската комисија ја потврдија оценката дека снабдувањето со енергенси е стабилно. Овие заклучоци се во согласност со претходните состаноци на координативните групи за нафта и гас, одржани неделава со претставници од индустријата.
Во однос на нафтениот пазар, беше истакнато дека испораките на сурова нафта кон рафинериите во ЕУ се одвиваат без прекини и засега нема потреба од користење на резервите. Сепак, предупредено е дека подолготрајни нарушувања во производството или транспортот на нафта од Блискиот Исток може да претставуваат ризик на подолг рок. Особено внимание се посветува на авионското гориво, бидејќи околу 30% од потребите на Унијата се покриваат со увоз.
Кај гасниот пазар, во пресрет на зимската сезона, беше поздравена иницијативата на еврокомесарот Дан Јоргенсен за поголема флексибилност во регулативата, вклучително и можноста за намалување на целта за складирање на 80%. Разгледана беше и идејата за продолжување на периодот за полнење на складиштата, со цел да се избегнат ценовни шокови и притисок врз системот.
Работната група исто така повика на забрзување на подготовката на препораки за спроведување на регулативата за метан, со акцент на сигурноста на снабдувањето и правната јасност, особено во делот на санкциите и усогласеноста.
Иако најавениот двонеделен прекин на огнот придонесе за стабилизација на цените на енергенсите, од Работната група предупредуваат дека ситуацијата останува нестабилна и неизвесна. Затоа, се нагласува потребата од поинтензивна размена на информации и координиран одговор на ниво на ЕУ, како и продолжување на состаноците на релевантните тела.
Извор: Европска Комисија
