Ескалацијата на војната во Иран кон крајот на февруари предизвика нов глобален енергетски шок, кој со особена сила ги погоди балканските економии. Во услови на висока зависност од увоз на нафта и деривати, растот на цените на светските пазари брзо се прелеа во регионот, отворајќи ризик од инфлаторен бран и нарушувања во снабдувањето. Владите реагираа брзо и координирано, применувајќи комбинација од фискални олеснувања, регулаторни ограничувања и директни интервенции на пазарот, со цел да го амортизираат ударот врз граѓаните и стопанството.
Во првите недели од кризата, најчеста мерка беше ограничувањето на профитните маржи и контролата на цените. Грција воведе тримесечен плафон на маржите за горивата, но и за основните прехранбени производи, со што испрати јасна порака дека нема да толерира шпекулативни зголемувања во услови на криза. Со слична логика, Косово повторно го активираше механизмот за ограничување на трговските надценки, задржувајќи ги профитите на минимално ниво, додека Босна и Херцеговина направи чекор понатаму, паралелно ги ограничи маржите кај горивата, храната и лековите, обидувајќи се да спречи ширење на ценовниот притисок низ целата економија.
Хрватска се одлучи за поинтервентен пристап, директно замрзнувајќи ги цените на горивата и спречувајќи нивно нагло зголемување. Оваа мерка беше придружена со мало намалување на акцизата, со што дел од товарот го презеде државниот буџет. Србија, пак, реагираше во два чекора, најпрво со привремена забрана за извоз на нафта и деривати, со цел да го заштити домашниот пазар, а потоа и со значително намалување на акцизите за 20%, што веднаш се одрази со пониски цени за потрошувачите.
Паралелно со ценовните интервенции, значаен дел од мерките беа насочени кон обезбедување стабилно снабдување. Исклучително чувствителен сегмент се покажа балансот меѓу контролата на цените и одржувањето на интересот на трговците. Во Црна Гора, почетното заостанување на домашните цени зад светските доведе до ситуација во која дел од бензинските пумпи останаа без гориво, бидејќи продажбата станала нерентабилна. Владата мораше итно да ја коригира ценовната формула и да дозволи повисоки цени за да го стабилизира пазарот и да спречи подлабок недостиг. Истовремено, властите нагласија дека располагаат со стратешки резерви доволни за неколкунеделна до двомесечна потрошувачка, што претставува клучен амортизер во вакви кризни услови.
Албанија избра поинаков пристап, фокусирајќи се на засилен институционален надзор наместо директна ценовна интервенција. Формирана е специјална инспекциска единица која ја следи трговијата со горива и ги контролира залихите, со цел да спречи евентуални злоупотреби, картелски договори или вештачки поскапувања. Овој модел се потпира на дисциплинирање на пазарот, без директно мешање во цените, но во услови на брз раст на цените, особено кај дизелот, се отвора прашањето за неговата ефикасност на подолг рок.
На спротивниот крај од спектарот е бугарскиот пристап, кој се базира на таргетирана социјална политика наместо општи ценовни ограничувања. Наместо да ги намали цените за сите, државата планира да ги искористи зголемените приходи од ДДВ, кои автоматски растат со повисоките цени, за формирање фонд за енергетска поддршка. Средствата ќе се насочат кон најранливите категории и кон секторите со висока потрошувачка на гориво, како транспортот, земјоделството и јавните услуги. Овој пристап овозможува зачувување на буџетските приходи, но бара високо ниво на институционална ефикасност за да биде навремено и правично спроведен.
Во поширок контекст, мерките покажуваат дека балканските земји, и покрај различните економски капацитети, се движат во слична насока, активна улога на државата во стабилизирање на пазарот. Контролата на цените и маржите директно ја намалува инфлацијата, но носи ризик од нарушување на понудата. Намалувањето на даноците го олеснува товарот за граѓаните, но создава притисок врз буџетите. Таргетираните субвенции се поефикасни од социјален аспект, но се административно посложени. Во пракса, најголем дел од земјите комбинираат повеќе инструменти, обидувајќи се да постигнат баланс меѓу економската стабилност и фискалната одржливост.
Досегашните ефекти укажуваат дека првичниот удар е амортизиран. Цените на горивата, иако повисоки, не достигнаа екстремни нивоа какви што се очекуваа без интервенции, а сериозни прекини во снабдувањето се избегнати. Сепак, мерките се привремени и нивната одржливост е директно поврзана со траењето на кризата. Продолжување на конфликтот би значело дополнителен притисок врз јавните финансии и можност за нови, потешки одлуки.
Актуелната состојба уште еднаш ја отвори и стратешката дилема за енергетската зависност на регионот. Краткорочните интервенции покажаа дека владите можат да реагираат брзо и ефикасно, но истовремено ја потенцираа потребата од долгорочни решенија, диверзификација на изворите, поголеми резерви и инвестиции во алтернативни енергии. Без такви структурни промени, секој нов геополитички шок ќе продолжи да се прелева директно врз економиите и животниот стандард на граѓаните.
Енергетика 24
