ИЕА најави најголемо ослободување на нафтени резерви во историјата

Париз. 11 март 2026 – Земјите членки на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) едногласно одлучија да пласираат 400 милиони барели нафта од своите стратешки резерви на пазарот, со цел да се ублажат нарушувањата во снабдувањето предизвикани од воениот конфликт на Блискиот Исток.

Одлуката е донесена по вонреден состанок на владите на 32-те земји членки на агенцијата, одржан за да се процени состојбата на глобалните пазари и можните мерки за надминување на проблемите со снабдувањето.

Извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, изјави дека предизвиците со кои се соочува нафтениот пазар се без преседан. Според него, поради глобалната природа на пазарот, и одговорот на ваквите нарушувања мора да биде глобален, нагласувајќи дека енергетската безбедност е основната мисија на агенцијата.

РЕКЛАМА

Нафтата од резервите ќе биде пласирана на пазарот во период кој ќе зависи од националните околности на секоја земја членка, а дел од државите најавуваат и дополнителни итни мерки за стабилизација на снабдувањето.

Членките на ИЕА располагаат со повеќе од 1,2 милијарди барели стратешки нафтени резерви, додека индустријата има уште околу 600 милиони барели резерви што се чуваат по владина обврска. Ова е шеста координирана акција за ослободување на резерви од формирањето на агенцијата во 1974 година.

Причина за мерката е конфликтот на Блискиот Исток што започна на 28 февруари 2026 година и сериозно го наруши транспортот на нафта преку Ормускиот теснец. Според податоците, извозот на сурова нафта и нафтени деривати низ теснецот во моментов е намален на помалку од 10 проценти од нивото пред почетокот на конфликтот.

Во 2025 година низ Ормускиот теснец во просек транзитирале околу 20 милиони барели нафта и нафтени производи дневно, што претставува приближно една четвртина од светската поморска трговија со нафта. Алтернативните рути за заобиколување на теснецот се ограничени.

Од ИЕА најавуваат дека дополнителни детали за спроведувањето на оваа мерка ќе бидат објавени во наредниот период, а агенцијата ќе продолжи внимателно да ги следи глобалните пазари на нафта и гас и да дава препораки до владите на земјите членки.

Извор: IEA.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил