РКЕ со нов правилник за лиценци: Гаранција од 100.000 евра за трговија и снабдување со струја

Намалена администрација за аплицирање, воведени нови енергетски дејности и најавена целосна дигитализација на постапката


Новиот Правилник за лиценци на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад стапи во сила на 6 март годинава, носејќи построги финансиски услови за компаниите што сакаат да тргуваат или да снабдуваат со електрична енергија.

Според новите правила, фирмите кои аплицираат за лиценца за трговија и снабдување со струја ќе мора да обезбедат финансиска гаранција од најмалку 100.000 евра. Компаниите ќе треба да докажат дека располагаат со овие средства на сметка или дека тие се дел од нивните основни средства.

Од Регулаторната комисија информираат дека правилникот е усогласен со обврските од Законот за енергетика и има цел да ги зајакне критериумите за компаниите кои работат во енергетскиот сектор. Воедно, со новите правила се намалува бројот на административни документи потребни за аплицирање за лиценца.

РЕКЛАМА

Правилникот воведува и нови енергетски дејности кои ќе подлежат на лиценцирање. Меѓу нив се складирање на гас, производство на биометан, производство на водород, производство на биогорива, како и полнење и продажба на садови под притисок со течен нафтен гас. Исто така, се регулира и трговијата со компримиран гас, течен гас и водород.

Од РКЕ посочуваат дека субјектите кои вршат енергетски дејности што не се опфатени во Законот за енергетика ќе можат да продолжат со работа без лиценца најмногу три месеци од стапувањето во сила на правилникот. Во тој рок тие треба да поднесат барање за лиценца за соодветната дејност.

Регулаторната комисија најавува и дека во наредниот период, кога ќе се создадат технички услови, целата постапка за добивање лиценци ќе биде целосно дигитализирана. Документите ќе се разменуваат преку Националниот портал за електронска комуникација, со што се очекува процесот да стане побрз и поефикасен.

Извор: РКЕ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил