Владата на Италија минатата среда усвои енергетски декрет со кој планира да го неутрализира влијанието на емисионите дозволи врз берзанската цена на електричната енергија, во обид да ги намали сметките за домаќинствата и да ја зајакне конкурентноста на индустријата.
Премиерката Џорџа Мелони изјави дека целта е да се „одвои цената на емисионите дозволи од цената на обновливата енергија од хидро и соларните електрани“, со што би се намалил трошокот што граѓаните и компаниите го плаќаат преку сметките за струја.
Италија со години има повисоки берзански цени на електричната енергија во споредба со земји како Франција и Шпанија. Причината лежи во структурата на производството: поради силната зависност од гасни електрани, токму нивните трошоци најчесто ја одредуваат цената на берзата според маргиналниот модел, каде што најскапата потребна електрана ја формира цената за целото понудено количество. Бидејќи гасните капацитети плаќаат емисиони дозволи во рамки на системот за тргување со емисии на ЕУ (ETS), трошокот за јаглерод директно се вградува во крајната цена на струјата. Во Франција, пак, каде доминира нуклеарната енергија, ваквиот ефект е значително помал.
Со новиот декрет се предвидува државата да им ги надоместува трошоците за купување емисиони дозволи на операторите на гасни електрани. Тоа практично би значело дека товарот од јаглеродните дозволи нема да се префрла врз потрошувачите. Мерката е планирано да стапи во сила во 2027 година, но претходно треба да добие зелено светло од парламентот и од Европската Комисија.
Во Брисел се очекува воздржаност, бидејќи намалувањето на оперативните трошоци на гасните електрани може да ја зголеми нивната конкурентност во однос на другите извори, а со тоа и емисиите на CO₂, што би било спротивно на климатските цели на ЕУ. Според проценките на аналитичарите, ваквата компензација тешко би го поминала тестот на правилата за единствениот пазар.
Самата најава веќе имаше пазарен ефект: цените на фјучерс-договорите за испорака на електрична енергија во 2027 година на италијанскиот пазар паднаа за околу 15%.
Добро информирани извори од пазарот на емисии оценуваат дека потегот има и поширока политичка цел, односно да се изврши притисок врз Европската комисија во пресрет на најавената ревизија на ETS системот во 2026 година. Во услови на пад на конкурентноста на европската тешка индустрија, сè погласни се повиците за реформа на пазарот на емисии и можни механизми за ограничување на цената на дозволите.
Дополнителен товар за европската економија е и цената на гасот по прекинот на испораките од Русија, поради што ЕУ сè повеќе се потпира на поскап течен природен гас од глобалниот пазар. Иако цената на емисионите дозволи не е единствениот фактор, таа дополнително ја зголемува цената на електричната енергија.
На претстојниот самит на ЕУ во март се очекуваат конкретни предлози за реформи на системот за тргување со емисии, што би можело да ја отвори вратата за поширока дебата за моделот на формирање на цената на електричната енергија во Европа.
Извор: Governo.it
