Со инвестиции од речиси шест милијарди евра, јасно дефинирани рокови и финансиски гаранции како филтер за сериозност, Македонија влегува во најголемиот енергетски инвестициски циклус досега. Тоа е пораката што министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја испрати во колумна за Faktor.mk и во интервју за „Stav regiona“ на Newsmax Balkans, подвлекувајќи дека 2026 година ќе биде пресвртна за домашниот енергетски систем.
Од масовен интерес до строг избор
Според Божиновска, на повикот за Планот за 2026 пристигнале 284 иницијативи, од кои по темелна техничка, економска и правна проверка, одобрени биле 67 проекти со вкупна инсталирана моќност од 4.416,8 мегавати и проценета вредност од околу 5,7 милијарди евра. Министерката, подвлекува и дека процесот бил „филтриран“, во него влегле само компании што доставиле целосна документација, техно-економски анализи, геодетски елаборати и докази за финансиска способност.
„Повеќе нема да дозволиме неконтролирано приклучување што ја загрозува мрежата. Секој мегават е планиран во координација со операторите и според строгите критериуми за сигурност“, нагласи таа.
Принципот „прв дојден – прв услужен“ бил применет исклучиво за комплетни апликации, а влезот во Планот не значи автоматска резервација на мрежен капацитет. Инвеститорите имаат 45 дена да подготват идејни решенија за приклучување, а во рок од 15 дена мора да обезбедат банкарска гаранција од 25.000 евра по мегават.
„Во енергетиката нема инстант решенија. Желбата не произведува струја – произведуваат дисциплина, рокови и одговорност“, порача Божиновска.
Европски правила и предвидлив систем
Клучна основа за новиот циклус, според министерката, е новиот Закон за енергетика, усогласен со европското законодавство. Со него, како што посочи, за првпат се воведува системско планирање со јасно утврдени рокови и процедури.
„Сега точно се знае кога се пријавува проект, колку трае постапката и кои се обврските. Тоа носи предвидливост и за државата и за инвеститорите“, изјави таа. Овластувањата за изградба се временски ограничени, а конкретните рокови зависат од технологијата и моќноста на постројките.
Солар, ветер и батерии – новата архитектура на системот
Најголем интерес има за соларни електрани, но Планот за 2026 година носи и стратешки исчекор, воведување системи за складирање електрична енергија во голем обем. Со предвиден капацитет од речиси 5.000 MWh и инвестиции од околу две милијарди евра, батериските системи стануваат клучен елемент за стабилноста на мрежата.
„Обновливите извори без складирање се половина приказна. Ако сакаме стабилност, мора да можеме да располагаме со енергијата кога ни е најпотребна“, истакна Божиновска.
Амбиција: помал увоз, повеќе домашно производство
Целта на циклусот, како што нагласи министерката, е постепено намалување на увозот и зајакнување на домашното производство. Во 2024 година увозот изнесувал 11%, а амбицијата е таа бројка дополнително да се намалува во наредните три до пет години.
„Би сакала Македонија да стане и извозник на електрична енергија“, рече Божиновска.
Паралелно се активираат и гасните интерконектори со Србија и Грција, со што земјата треба да се позиционира како регионален енергетски јазол.
Заштита на граѓаните и долгорочна визија
Министерката уверува дека Владата води сметка за стандардот на граѓаните и дека не се очекуваат драстични поскапувања. Можно е минимално коригирање од еден до два проценти, но не и ценовни шокови.
Истовремено се подготвува и нова 20-годишна стратегија за развој на енергетиката, која ќе ги опфати и новите технологии , од водород до мали модуларни нуклеарни реактори.
„Имаме план, имаме интерес од инвеститорите и имаме јасна визија. Сега е време за реализација“, заклучи Божиновска.
Со ваков пристап, 2026 година се позиционира како почеток на нова фаза – енергетика со правила, контрола и јасна одговорност, во која проектите не се бројат по најави, туку по завршени мегавати.
Енергетика 24
