САД ја продолжија дозволата за работење на бензинските пумпи на Лукоил

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја продолжи важноста на специјалната дозвола со која на руската нафтена компанија Лукоил ѝ се овозможува да управува со своите бензински пумпи надвор од Русија до 29 октомври, соопшти Министерството за финансии на САД.

Станува збор за ограничено изземање од санкциите воведени минатата година со цел да се намалат приходите што ја поддржуваат руската воена интервенција во Украина.

Дозволата опфаќа околу 2.000 бензински станици во Европа, Централна Азија, Блискиот Исток и Америка.

РЕКЛАМА

Санкциите кон Лукоил и Роснефт, двете најголеми руски нафтени компании, беа воведени во октомври минатата година и предизвикаа интерес кај потенцијални купувачи за меѓународните активи на Лукоил, проценети на околу 22 милијарди долари.

Компанијата има значајно присуство на странските пазари, вклучително и околу 200 бензински пумпи во американските сојузни држави Њу Џерси, Пенсилванија и Њујорк, како и стотици станици во Турција и Романија, и водечка позиција во малопродажбата на гориво во Молдавија и Бугарија.

Истовремено, Министерството за финансии издаде и посебна лиценца за одредени трансакции со рафинериските капацитети на Лукоил во Бугарија, вклучително и со компанијата „Лукоил Нефтохим Бургас“.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил