Владата на Франција ја претстави новата десетгодишна енергетска стратегија (2026–2035), со која предвидува засилено да се потпре на нуклеарната енергија и офшор ветерните паркови со цел намалување на зависноста од увоз на фосилни горива.
Планот предвидува зголемена искористеност на постојните 57 нуклеарни реактори и изградба на шест нови централи, како и проширување на производството на електрична енергија од ветер на море. Истовремено, се намалува приоритетот на соларните паркови и копнените ветерници. Со тоа Париз прави пресврт во однос на стратегијата од периодот 2019–2024 година, кога беше најавено постепено затворање на дел од нуклеарните капацитети.
Премиерот Себастијан Лекорну изјави дека новата стратегија е клучна за зајакнување на енергетскиот суверенитет на земјата. „Нема сценарио во кое можеме да останеме зависни“, порача тој, оценувајќи дека одложувањето на напуштањето на фосилните горива претставува ризик за националната безбедност и економската стабилност.
Според официјалните податоци, нафтата и гасот и натаму учествуваат со околу 60% во вкупната енергетска потрошувачка на Франција, а само во 2024 година за нивниот увоз биле издвоени 64 милијарди евра. Новата стратегија предвидува до 2030 година уделот на фосилните горива да се намали на најмногу 40%.
Засиленото потпирање на нуклеарната енергија, сепак, повторно ја отвори дебатата во јавноста. Еколошката организација Greenpeace France го оцени планот како „пример за политичка манипулација“, критикувајќи ја, како што наведуваат, „тврдоглавата верба во нуклеарниот мит“, особено имајќи предвид дека изградбата на новите реактори ќе трае со години.
Стратегијата е дел од ревидираната национална патоказна рамка за постигнување јаглеродна неутралност до 2050 година, во согласност со обврските од Парискиот договор. Ажурираната нискојаглеродна стратегија предвидува целосно напуштање на употребата на нафта меѓу 2040 и 2045 година, додека фосилниот гас треба постепено да биде укинат до средината на векот.
Извор: LeMonde.fr
