Брисел. 3 февруари 2026 – Долгите рокови за приклучување на електроенергетските мрежи сериозно ги отежнуваат плановите на Amazon за проширување на дата-центрите во Европа, соопшти компанијата за Ројтерс, во време кога индустријата врши засилен притисок врз креаторите на политики за модернизација на застарените мрежи.
Енергетски интензивните индустрии ја повикаа Европската унија на поголеми инвестиции во електроенергетската инфраструктура, предупредувајќи дека брзиот и сигурен пристап до стабилна мрежа е клучен фактор при одлуките за нови инвестиции.
Памела Мекдугол, раководителка за енергетски пазари и регулатива во Amazon Web Services (AWS) за регионот Европа, Блискиот Исток и Африка, изјави дека времето потребно за обезбедување мрежен приклучок станало еден од најважните критериуми при инвестициите во дата-центрите.
„Приклучувањето на преносната мрежа во Европа може да трае и до седум години, додека изградбата на еден дата-центар обично трае околу две години“, рече Мекдугол. Во САД, според Меѓународната агенција за енергија, ваквите постапки најчесто траат од една до три години, иако понекогаш исто така се одолговлекуваат.
Европската комисија минатата година предложи законски измени со кои би се ограничил рокот за одобрување дозволи за мрежни проекти на најмногу две години, како и изземање на овие проекти од одредени еколошки проценки, со цел забрзување на модернизацијата на мрежите. За предлозите сè уште преговараат земјите членки и Европскиот парламент.
Според Мекдугол, во повеќе европски земји Amazon бил принуден да се откаже од планирани инфраструктурни проекти поради недостиг од мрежни приклучоци или пренатрупаност на мрежата. Како дополнителен проблем се посочуваат и т.н. „шпекулативни“ барања за приклучување, кои ја блокираат редицата за реални проекти.
Amazon продолжува со изградба и проширување на дата-центри низ Европа во рамки на AWS, најголемиот светски облачен провајдер. Компанијата има инфраструктура во повеќе од 20 европски земји и ги зголемува инвестициите, меѓу другото, во Франција, Германија и Шпанија.
Извор: Ројтерс
