Давос. 20 јануари 2026 – Енергетската безбедност денес сè помалку личи на класично економско прашање, а сè повеќе на прашање од највисок стратешки и безбедносен ранг. Токму таков заклучок доминираше на панел-дискусијата на Светскиот економски форум во Давос насловена како „Кој победува во енергетската безбедност“, каде водечки светски енергетски експерти, академици и извршни директори разговараа за тоа „кој победува“ во новата енергетска реалност, и дали воопшто има јасни победници.
Дискусијата јасно покажа дека светот влегува во фаза на длабока трансформација на енергетскиот систем, во која електричната енергија станува централна оска. Според Фатих Бирол од Меѓународната агенција за енергија, растот на побарувачката за електрична енергија е речиси трипати побрз од растот на вкупната енергетска побарувачка. Овој тренд не е резултат само на економскиот раст, туку и на нови, структурни фактори: експлозијата на дата-центри и вештачката интелигенција, масовната употреба на климатизација и брзото ширење на електричните возила. Бирол нагласи дека „нема вештачка интелигенција без електрична енергија“, предупредувајќи дека дури и со сегашното темпо на раст, светот во наредната деценија ќе мора да додаде количина електрична енергија еквивалентна на денешната потрошувачка на САД, ЕУ, Јапонија и Канада заедно.
Во таков контекст, геополитиката повторно станува клучен фактор. Бирол потсети дека енергетските кризи ретко имаат јасни победници: во 1970-тите сите плаќаа висока цена за нафтената криза, а по руската агресија врз Украина и Европа и Русија претрпеа значителни загуби. Но, за разлика од минатото, денешниот свет се соочува со истовремено зголемување на ризиците, од конфликти и санкции, до прекини во синџирите на снабдување – што ја турка енергетската безбедност во сржта на националните стратегии.
Меган О’Саливан од Харвард оцени дека новата фаза на геополитичка конкуренција се одвива преку енергијата, но на многу посложен начин од историските „трки за ресурси“. Денес не се работи само за физичка контрола врз нафта или гас, туку за тоа кој ги развива ресурсите, кој ги финансира проектите, кој ја контролира инфраструктурата и кој доминира во критичните сегменти од синџирот на вредност. Таа укажа дека САД традиционално се фокусирале на пристап до енергија, додека Кина со децении гради долгорочна стратегија за обезбедување контрола и зависност – преку инфраструктура, договори и доминација во преработката на критични минерали. Истовремено, земјите производители денес имаат поголема автономија и сè почесто прибегнуваат кон „ресурсен национализам“, настојувајќи да извлечат поголема вредност од сопствените ресурси.
Во оваа слика, Блискиот Исток не исчезнува од глобалната енергетска мапа, туку напротив, ја редефинира својата улога. Маџид Џафар од Crescent Petroleum оцени дека геополитичката нестабилност, парадоксално, ја зајакнува позицијата на регионот како сигурен снабдувач со енергија со обем, достапност и релативно ниски емисии. Но, уште поважно, регионот гледа нова можност во спојот меѓу енергијата и вештачката интелигенција. Наместо обиди за диверзификација „подалеку од енергијата“, многу земји од Блискиот Исток градат нови економии токму врз основа на своите енергетски ресурси, капитал и брзо носење одлуки. Способноста да се одржуваат функционални односи и со САД и со Кина, според Џафар, не се доживува како игра на две страни, туку како рационално управување со националните интереси.
Од друг агол, Мајк Хенри од BHP потсети дека енергетската транзиција е невозможна без рударството. Електрификацијата значи експлозија на побарувачката за бакар и други критични минерали, при што бакарот станува „новата нафта“ на ерата на електричната енергија. Но проблемот не е само во наоѓањето нови рудници, кои стануваат сè поскапи, подлабоки и технички покомплексни, туку и во преработката и рафинирањето, сегмент во кој глобалната концентрација претставува сериозен стратешки ризик. Енергетската безбедност, според Хенри, сè повеќе зависи од тоа дали земјите можат да обезбедат евтина, сигурна енергија за преработувачките капацитети и дали се подготвени да инвестираат во помалку профитабилните, но критично важни делови од синџирот.
Андрес Глуски од AES ја насочи дискусијата кон електроенергетските системи и батериите, посочувајќи дека проблемот не е само колку енергија се произведува, туку како интелигентно се користи. Батериите и дигиталното управување со мрежите овозможуваат подобро искористување на постојната инфраструктура, намалување на пиковите и поголема стабилност, особено во услови на растечка побарувачка од дата-центрите. Според него, вештачката интелигенција е истовремено дел од проблемот и дел од решението, бидејќи може радикално да ја зголеми ефикасноста на мрежите и да помогне во интеграцијата на различни извори на енергија.
На крајот, одговорот на прашањето „кој победува“ остана намерно неодреден. Дел од панелистите сметаа дека САД и Блискиот Исток се во поволна позиција, други дека САД добиваат на краток рок, а Кина на долг рок. Фатих Бирол ја заокружи дискусијата со поедноставен, но суштински заклучок: енергетската безбедност почива на диверзификација, предвидливи политики и внимателен избор на партнери. Во свет каде енергијата повторно ја обликува геополитиката, победници ќе бидат оние што ќе умеат да градат отпорни системи, без илузии, без идеологија и со јасна свест дека во енергетиката погрешните одлуки се плаќаат со години.
Енергетика 24
