Дури и во сценарио на мировен договор меѓу Русија и Украина, Европа тешко дека повторно би се потпрела на рускиот гас, оценува CNBC во детална анализа за енергетските последици од можен прекин на војната. Политичките одлуки, новото европско законодавство и променетата геополитичка реалност ја прават реинтеграцијата на Москва во европскиот енергетски систем малку веројатна.
Во центарот на вниманието повторно се гасоводите „Северен тек 1 и 2“, некогаш столб на енергетската соработка меѓу Русија и ЕУ. Саботажата во 2022 година и никогаш сертифицираниот „Северен тек 2“, проект вреден околу 11 милијарди долари станаа симбол на распадот на еден модел на длабока зависност од евтин руски гас. Иако дел од експертите сметаат дека инфраструктурата технички може да се поправи со релативно ограничени трошоци, CNBC нагласува дека политичката цена за нејзино оживување би била далеку повисока.
Европската унија, во меѓувреме, веќе го заклучи правниот пат кон целосно напуштање на руските енергетски испораки. Договорот меѓу Европскиот парламент и Советот предвидува целосна забрана за увоз на руски течен природен гас до крајот на 2026 година и на гас преку гасоводи од есента 2027 година. Со тоа, Брисел практично ја затвора можноста за брзо враќање на рускиот гас, дури и ако дојде до мир.
Контекстот е значително изменет во однос на периодот пред војната. Во 2021 година Русија обезбедуваше околу 45% од вкупната потрошувачка на гас во Европа, додека денес тој удел се проценува на околу 13%. Намалувањето е резултат на намерна политичка стратегија, поттикната од енергетската криза и обвинувањата дека Москва го користела гасот како средство за притисок.
Прашањето има и силна политичка и морална димензија. Украина остро би се спротивставила на секој потег што би ѝ донел корист на земјата-агресор, додека Полска отворено повикува гасоводите „Северен тек“ да бидат демонтирани. Истовремено, истекот на договорот за транзит на руски гас преку Украина на крајот од 2024 година дополнително ја намалува веројатноста за обновување на старите рути.
CNBC посочува и на пошироката геополитичка слика. САД, кои во последните години станаа клучен снабдувач на Европа со течен природен гас, немаат интерес од враќање на „Северен тек“. Русија, пак, сè повеќе го пренасочува својот извоз кон Азија, продлабочувајќи ги енергетските врски со Кина преку гасоводот „Силата на Сибир“. Во такви услови, преговарачката позиција на Москва кон Европа е значително ослабена.
Заклучокот на анализата е дека и покрај притисокот од високите енергетски трошоци и фактот дека дел од европските индустрии би биле во искушение повторно да користат поевтин руски гас, политичката и правната рамка го прави тоа малку веројатно. Европа, според CNBC, ќе продолжи да се потпира на диверзификација на изворите, зголемен увоз на ЛНГ и инвестиции во сопствени капацитети, наместо на враќање кон модел што еднаш веќе се покажа како стратешки ризичен.
Извор: CNBC.com
