Зоран Ѓорѓиевски: CBAM може да го забави развојот на македонската берза на струја и зелените инвестиции ако нема соодветен преоден период

Воведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглеродната граница (CBAM) од 1 јануари 2026 година, иако оправдано на теоретско ниво, носи сериозни ризици за македонскиот електроенергетски пазар доколку не се спроведе со прецизни временски фази и уважување на реалноста на терен. Ова е клучната порака на Зоран Ѓорѓиевски, управител на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО), кој предупредува дека без внимателна калибрација, механизмот може да предизвика структурна нерамнотежа и да ја намали ликвидноста на организираниот пазар.

Во својот осврт, Ѓорѓиевски потенцира дека Македонија вложува огромни напори во развојот на организираниот пазар (ден-однапред, а наскоро и во тековниот ден), кој само во последната година бележи раст на ликвидноста од над 40%. Сепак, примената на CBAM врз електричната енергија во регион кој се уште е во фаза на трансформација, може да го загрози овој напредок.

Ризик од намалување на ликвидноста и парадокс кај обновливите извори

РЕКЛАМА

Според првиот човек на МЕМО, иако првично може да се очекува зголемен обем на тргување, оптоварувањето на извозот со CBAM може да ги натера пазарните учесници да бараат алтернативни канали надвор од организираниот пазар.

„Неможноста целокупното производство да биде пласирано преку организираниот пазар ќе ги поттикне пазарните учесници да бараат алтернативни канали, што има потенцијал да го наруши развојот на транспарентен и конкурентен пазар и да доведе до намалување на ликвидноста во тргувањето“, предупредува Ѓорѓиевски.

Особено загрижувачки е потенцијалниот ефект врз производителите од обновливи извори на енергија (ОИЕ). Извозот од Македонија често се случува во часови на низок конзум и високо производство од ОИЕ. Дополнителните трошоци или административни бариери од CBAM би можеле да доведат до апсурдна ситуација каде овие производители ќе бидат приморани да го ограничат производството за да избегнат трошоци за дебаланс, што директно ќе ја намали нивната конкурентност.

Неусогласени брзини: Пазарно поврзување наспроти CBAM

Клучен проблем кој го лоцира Ѓорѓиевски е разликата во брзината помеѓу имплементацијата на CBAM и интеграцијата на регионот во единствениот европски пазар (market coupling).

Додека CBAM доаѓа брзо, пазарното поврзување е забавено. Ова создава состојба во која земјите од Енергетската заедница, како Македонија, ќе бидат изложени на трошоците од механизмот, без да ги уживаат придобивките од интегрираниот пазар.

„Воведувањето на CBAM, без соодветен напредок во процесот на пазарна интеграција со ЕУ, создава структурна нерамнотежа… Затоа, забрзувањето на пазарното поврзување и соодветно усогласување на почетокот на примена на CBAM, претставува клучен предуслов за ублажување на економските ефекти“, смета Ѓорѓиевски.

Опасност за идните инвестиции

Авторскиот текст предупредува и на опасноста од одлевање на инвеститорите. Македонската енергетска транзиција зависи од приватен капитал кој бара предвидливост.

Прераното воведување на ригиден CBAM може да создаде перцепција за зголемен регулаторен ризик, што би можело да ги одложи или пренасочи инвестициите кон други пазари, загрозувајќи го повратот на инвестициите (ROI) на веќе започнатите проекти.

Потребен е транзициски период

Заклучокот на Ѓорѓиевски е јасен: Македонија ги поддржува европските климатски цели, но неопходен е транзициски период усогласен со динамиката на пазарната интеграција. Тој апелира до Европската комисија да размисли за модел кој ќе ги наградува реформите и ќе овозможи постепено прилагодување, наместо создавање нови бариери кои можат да ја дестабилизираат енергетската сигурност во регионот.

Извор: МЕМО

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба