Скопје. 29 април 2026 – Во Министерството за финансии денеска се одржа првиот конститутивен состанок на Комитетот за јавни инвестиции, ново меѓуресорско тело формирано со цел да воспостави поорганизиран и посистемски пристап при утврдувањето на приоритетите за финансирање капитални проекти на централно ниво. Со Комитетот претседава министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, а на состанокот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека се воведува нов модел на одлучување што треба да стави крај на досегашната практика на стихијно планирање и да обезбеди поцврст и поодговорен механизам заснован на јасни критериуми и стратегија.
На состанокот, АД ЕСМ објави дека вкупно седум стратешки проекти на компанијата се прифатени и добиваат зелено светло за реализација. Од компанијата оценуваат дека со ова се потврдува нивната клучна улога во развојот на македонскиот енергетски систем.
Како што информираат од АД ЕСМ, приоритетите се насочени кон модернизација на постојните капацитети, зголемување на домашното производство на електрична енергија од обновливи извори, како и обезбедување стабилна замена на базната енергија.
Меѓу проектите што добија поддршка се систем за батериско складирање на енергија, нов СКАДА систем за следење податоци и софтвер за планирање и тргување, изградба на комбинирана гасна електрана во ТЕЦ Битола, како и проширување на мрежата за централно греење во Битола.

Во листата се и реновирање на деловно-административната зграда во центарот на Скопје со енергетско-ефикасни решенија, изградба на ветерен парк Миравци со моќност од околу 100 мегавати, реконструкција на дистрибутивната мрежа за топлинска енергија во Скопје, изградба на проточна хидроелектрана Неготино и хибридна фотонапонска електрана во Богданци.
Од АД ЕСМ посочуваат дека учеството со седум капитални проекти претставува доказ за сериозен и стратешки пристап во развојот на енергетиката, додавајќи дека компанијата активно работи на енергетската иднина на државата.
Воедно, од компанијата потсетуваат дека веќе се во напредна фаза и тековните проекти за изградба на четири фотонапонски електрани во РЕК Осломеј и РЕК Битола, како и проширувањето на ветерниот парк Богданци. Според најавите, во подготовка се и нови проекти што ќе бидат дел од целосната енергетска трансформација на земјата.
Енергетика 24
