Климатскиот самит на ОН, COP30, заврши без договор за план за постепено напуштање на фосилните горива. Наместо тоа, бразилското претседателство најави изработка на два патокази, од кои, еден за транзицијата од фосилни горива и еден за спречување на уништување на шумите. Државите и организациите ќе можат да достават свои предлози, а напредокот ќе биде презентиран на следниот COP31 кон крајот на 2026 година.
Повеќе од 80 држави, меѓу кои членки на ЕУ, Велика Британија, земји од Латинска Америка, островски држави и групата најмалку развиени земји бараа финалниот текст да содржи јасна одредба за отстапување од фосилните горива. Но, предлогот не влезе во конечната одлука.
Наместо тоа, во завршниот документ беше усвоено создавање на „глобален акцелератор за имплементација“ и иницијативата „Мисија Белем до 1,5°C“, со цел поддршка на климатските планови на државите и одржување на целта од 1,5°C од Парискиот договор.
Иако ни програмата за праведна енергетска транзиција ниту програмата за намалување емисии не го споменуваат постепеното укинување на фосилните горива, државите сепак признаа дека „глобалната транзиција кон нискојаглероден развој е неповратна и претставува тренд на иднината“.
ЕУ и останатите поддржувачи на патоказот за напуштање на фосилните горива не се спротивставија на конечниот текст. Германскиот министер за животна средина Карстен Шнајдер оцени дека блокирањето на одлуката би испратило сигнал на меѓународна некооперативност.
Конечната одлука, позната како „Мутирао“, термин од португалски што означува колективна мобилизација се осврна и на теми кои не беа официјално на агендата: климатско финансирање, еднострани трговски мерки, усогласеност на националните климатски планови со Парискиот договор и системи за известување за емисии.
Напнати моменти во завршницата
Додека повеќе документи беа брзо усвоени, Колумбија се спротивстави на програмата за намалување емисии, барајќи во нејзе да се вклучи јасно споменување на транзицијата од фосилни горива. Пленарната седница беше прекината, додека претседателството бараше решение.
Саудиска Арабија и Русија силно се спротивставија на вклучување ваков јазик, исто како и други производители на нафта. Колумбија, која ја предводи групата држави што бараат глобално укинување на фосилните горива, најави дека во април ќе ко-организира разговори на оваа тема со Холандија.
Нигерија порача дека „успешна транзиција не може да се наметне“ и дека нема да поддржи мерки што би предизвикале „ненадеен економски пад“.
Групата на најмалку развиени земји изрази разочарување, најавувајќи дека ќе ги интензивира подготовките за COP31 и COP32.
Финансиските прашања и трговските мерки во фокусот
Развиените држави беа под притисок да ја зголемат финансиската поддршка за адаптација кон климатските промени. Одлуката „Мутирао“ повикува на најмалку тројно зголемување на средствата за адаптација до 2035 година. Иако веќе беше договорено дека развиените земји ќе обезбедат 300 милијарди долари годишно за клима-финансии до 2035 година, многу земји во развој бараа адаптациската компонента да достигне 120 милијарди долари годишно до 2030 година.
Документот се осврнува и на едностраните трговски мерки, повикувајќи на глобална соработка и избегнување мерки кои би можеле да се толкуваат како дискриминаторски или рестриктивни. Ова е особено значајно за земјите што се противат на механизмот на ЕУ за јаглеродна граница.
Генералниот секретар на UNFCCC, Сајмон Стиел, призна дека процесот се одвиваше во „бурни политички води“, но истакна дека 194 држави успеале да ја задржат климатската соработка.
Извор: Argusmedia.com
