Скопје. 30 октомври 2025 – Во македонскиот главен град денес беше усвоена Декларацијата Скопје, документ кој ги заокружува заклучоците од Четиринаесеттиот меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), што од 28 до 30 октомври обедини претставници на влади, меѓународни организации, академската заедница и приватниот сектор.
Декларацијата претставува заеднички повик кон забрзување на енергетската трансформација преку обезбедување чиста, сигурна и достапна енергија за сите, поттикнување на иновации, како и гарантирање на праведен и инклузивен пристап кон придобивките од транзицијата. Документот беше потпишан од министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси на Северна Македонија Сања Божиновска, директорот на Одделот за одржлива енергија при Обединетите нации Дарио Лигути и постојаниот претставник на УНДП во земјата Армен Григорјан, во име на сите учесници на форумот.
Во текстот на декларацијата се нагласува дека енергетската безбедност станува централно прашање на националните политики во услови на глобални геополитички турбуленции и пазарна нестабилност. Земјите се повикуваат да ја намалат зависноста од ризични снабдувачки пазари преку диверзификација на изворите, развој на домашно производство на чисти технологии и обезбедување на отпорни синџири на снабдување со критични минерали и суровини. Воедно, се апелира на зголемена меѓународна и регионална соработка за заедничко гарантирање на стабилен и безбеден пристап до енергетските ресурси.

Декларацијата ја нагласува потребата од забрзано усвојување на нови технологии, дигитализација и примена на вештачка интелигенција во управувањето со енергетските системи, со цел подобра ефикасност, поголема транспарентност и зголемена флексибилност на пазарите. Се промовира создавање на диверзифицирано портфолио на чисти извори на енергија, меѓу кои се соларната, ветерната, хидроенергијата, геотермалните и водородните технологии, како и вкрстена интеграција на електричните, транспортните и грејните системи.
Посебен акцент е ставен на праведната транзиција, принцип според кој никој не смее да биде оставен позади во процесот на декарбонизација. Затоа декларацијата препорачува дизајнирање на социјално правични субвенции и програми за заштита на ранливите категории, зголемување на пристапот до чисти технологии за готвење и греење, особено во руралните средини, како и проширување на децентрализирани и оф-грид решенија за модерни енергетски услуги.
Во документот се препознава важноста на природно-базираните решенија и нивната интеграција во енергетското планирање, преку заштита на биодиверзитетот, управување со водните ресурси и промовирање на екосистемски пристап кон енергетската политика. Понатаму, се препорачува создавање на нови форми на финансирање, вклучувајќи зелени обврзници, јавно-приватни партнерства и мешано финансирање, со цел мобилизирање на капитал за инвестиции во зелената транзиција.

Декларацијата повикува на вложувања во образование, преквалификација и обука на работната сила, создавање нови зелени работни места и поттикнување на иновации и истражување во областа на чистите технологии.
„Патот кон одржлива иднина бара заедничко делување на владите, институциите и приватниот сектор. Заедно можеме да изградиме енергетски систем кој ќе ја заштити климата, ќе поттикне иновации и ќе обезбеди достапна енергија за сите“, се наведува во документот.
Со усвојувањето на Декларацијата Скопје, Македонија се позиционираше како активен промотор на одржливата енергетска агенда во регионот и пошироко, позиционирајќи се како важен центар на глобалниот дијалог за енергетска безбедност и зелена иднина.
Енергетика 24
 
			 
						 
			 
				 
				 
				 
				 
							
 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										