ДЗС: Македонија во јули произведе повеќе струја од потрошената

Скопје. 25 септмври 2025 – Во јули 2025 година Македонија произведе повеќе електрична енергија отколку што ѝ беше потребно за домашната потрошувачка. Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното бруто-производство достигна 458.478 мегават часови, што е за 8,8% над потрошувачката, која изнесуваше 421.489 мегават часови.

Најголеми потрошувачи остануваат домаќинствата – тие во јули „повлекле“ дури 227.525 мегават часови, што претставува повеќе од половина од вкупната домашна потрошувачка.

Термоелектраните сè уште доминираат

Иако обновливите извори бележат постепен раст, енергетскиот микс и понатаму е силно зависен од традиционалните капацитети. Термоелектраните обезбедиле најголем дел од струјата – 183.891 мегават часови. По нив следуваат комбинираните централи со 119.020 мегават часови и хидроелектраните со 80.293 мегават часови.
Сончевите електрани испорачале 47.661 мегават час, ветерните централи 24.006, а биогасните постројки 3.606 мегават часови.

РЕКЛАМА

Интересен податок е дека само загубите во дистрибутивната мрежа изнесувале 54.551 мегават час – повеќе од целокупното јулско производство на соларните капацитети.

Извоз поголем од увоз

Енергетската слика е дополнета и со трговскиот биланс. Во јули се увезени 114.930 мегават часови електрична енергија, додека извозот бил значително поголем и достигнал 151.919 мегават часови. Тоа значи дека вишокот производство се искористил за регионален пласман.

Природен гас, јаглен и нафта

Покрај струјата, податоците ја откриваат и потрошувачката на другите енергенси. Во јули биле употребени 25.599 милиони нормални кубни метри природен гас, што е за речиси 14% помалку од истиот месец минатата година – пад што се должи на намалената активност на когенеративните постројки.
Потрошувачката на јаглен достигна 357.665 тони, главно за производство на електрична енергија. Од друга страна, нафтените деривати бележат раст од 14,1 проценти, со вкупно потрошени 112.946 тони.

Енергетска стабилност со отворени предизвици

Јулските бројки потврдуваат дека Македонија моментно произведува доволно електрична енергија за да ја покрие сопствената потрошувачка и да обезбеди извоз. Но истовремено ја нагласуваат и високата зависност од јаглен и термоелектрани, додека обновливите извори, иако растат, сè уште имаат скромен удел во енергетскиот систем.

Извор: Државен завод за статистика

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба