ИЕА: Забрзано опаѓа производството на нафта и гас – светот ризикува сериозна енергетска нестабилност

Париз. 17 септември 2025 – Глобалното производство на нафта и гас е соочено со драматичен предизвик: опаѓањето на приносите од постојните полиња се забрзува, а без нови вложувања светот би губел количини на енергенси еднакви на комбинираното производство на Бразил и Норвешка секоја година. Ова е клучната порака од новиот извештај на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), објавен во текот на вчерашнит ден.

Во извештајот The Implications of Oil and Gas Field Decline Rates се наведува дека стапките на опаѓање значително се зголемиле во последните години, особено поради зголемената зависност од шкрилци и длабоководни офшор полиња – ресурси кои природно имаат пократок „животен век“.

„Само мал дел од инвестициите во нафтената и гасната индустрија оди за задоволување на нова побарувачка. Речиси 90% се трошат само за да се надоместат загубите од постојните полиња,“ нагласува извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол. „Стапките на опаѓање се слонот во собата за секоја расправа за иднината на енергетиката. Нашата анализа покажува дека тие се забрзуваат, а тоа значи дека индустријата мора да ’трча‘ уште побрзо – само за да стои во место.“

РЕКЛАМА

Според него, ако воопшто не се инвестира, од глобалниот пазар би исчезнувале огромни количества: еднакви на годишното производство на две средно големи енергетски сили – Бразил и Норвешка.

Извештајот покажува дека опаѓањето не е рамномерно. Гигантските полиња на Блискиот Исток губат помалку од 2% годишно, додека европските офшор полиња бележат просечен пад од над 15%. Кај шкрилците и затегнатата нафта ситуацијата е драстична: производството може да се намали за повеќе од една третина во рок од една година ако нема нови вложувања.

Пред само 15 години, прекин на инвестициите ќе значеше намалување на глобалното снабдување за околу 4 милиони барели дневно. Денес, тој број достигна 5,5 милиони. Кај природниот гас, загубите пораснале од 180 на 270 милијарди кубни метри годишно.

ИЕА проценува дека за да се задржи производството на сегашно ниво до 2050 година, ќе бидат неопходни нови ресурси, повеќе од 45 милиони барели дневно нафта и речиси 2.000 милијарди кубни метри гас. Ова е еднакво на вкупното тековно производство на трите најголеми светски производители заедно.

Проблемот дополнително се комплицира со времето што е потребно за развој на нови полиња. Просечно, од издавање на лиценца за истражување до прво производство минуваат речиси две децении. Првата деценија најчесто се троши на откривање и потврдување на наоѓалиштата, а втората на нивно одобрување и изградба на инфраструктура.

Овие трендови отвораат сериозни прашања за глобалната енергетска политика, но и за стабилноста на пазарите. Доколку побарувачката за нафта и гас не почне значајно да опаѓа во следните децении, светот ќе мора да мобилизира огромни средства за истражување и експлоатација – со сите последици по животната средина и климатските цели.

ИЕА предупредува дека вниманието на јавноста и политичарите често е насочено кон побарувачката, додека факторот на опаѓање на понудата останува во сенка. „Оваа тема мора да биде во сржта на идните дебати за енергетска безбедност и инвестиции,“ заклучуваат авторите на извештајот.

Извор: ИЕА

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба