КОЛУМНА: Македонија и Азербејџан сè поблиску до стратешко партнерство во енергетиката

Енергетика 24

Во време на глобална енергетска неизвесност и сè понагласени климатски предизвици, Македонија се позиционира како активен играч на новата геоенергетска мапа. Последната официјална посета на азербејџанскиот министер за економија, Микаил Џабаров, и неговите средби со највисокиот државен врв, претставуваат јасен сигнал дека Скопје и Баку се движат кон потпишување договор за стратешка соработка во енергетиката – чекор што може суштински да ја трансформира енергетската иднина на земјата.

Ова не е само прашање на дипломатски гестови. Станува збор за сериозна иницијатива што ја интегрира Македонија во Јужноевропскиот енергетски коридор, отворајќи ѝ пат кон енергетска безбедност, економска стабилност и зелена транзиција. Поддршката од азербејџанската државна енергетска компанија SOCAR, која веќе успешно оперира во земји од регионот како Бугарија, Србија и Албанија, го поставува темелот за долгорочно снабдување со природен гас – сигурен, стабилен и конкурентен извор на енергија.

РЕКЛАМА

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, за време на средбата со претседателот Илхам Алиев во Баку годинава, со право го нагласи значењето од приклучување кон Трансјадранскиот гасовод (TAP), дел од јужниот гасен коридор кој ги поврзува ресурсите на Каспискиот регион со европските потрошувачи. Со вклучување во овој систем, Македонија би обезбедила пристап до диверзифицирани енергетски извори и би ја намалила зависноста од нестабилни и еднострани канали на снабдување – предуслов за стабилен економски раст.

Но македонско-азербејџанската енергетска соработка не започнува тука. Изминатава година, министерката за енергетика Сања Божиновска играше клучна улога во унапредувањето на билатералната енергетска дипломатија. Со неколку работни посети во Баку и средби со ресорниот министер Парвиз Шахбазов и премиерот Али Асадов, таа иницираше разговори за долгорочни испораки на гас, инвестиции во гасната инфраструктура и приклучување кон идните „зелени енергетски коридори“ кон ЕУ.

Круна на овие активности беше потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и SOCAR – во Скопје, симболично на домашен терен. Овој чин потврдува дека постои конкретна волја за долгорочна и практична соработка, надвор од протоколарните рамки.

Паралелно, азербејџанскиот министер за енергетика Шахбазов се сретна и со македонска парламентарна делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши. Средбата се фокусираше на развојот на билатералните односи, со особен акцент на продлабочување на енергетската соработка. Двете страни ја истакнаа позитивната динамика на политичките и економските релации, како и на тековната испорака на природен гас од Азербејџан, која успешно се реализира од минатата година.

Покрај ова, во Скопје се одржаа и стратешки работни средби помеѓу азербејџански експерти и претставници од Министерството за енергетика и ЕСМ. Тие дискутираа за клучни теми како гасификација, изградба на складишта за природен гас, дигитализација на енергетските системи, како и потенцијали за инвестирање во обновливи извори.

Азербејџан веќе има развиена и докажана мрежа на партнерства на Балканот. Во Бугарија, азербејџанскиот гас пристигнува преку интерконекторот со Грција и е дел од стратегијата за енергетска независност. Србија веќе има договор за испорака на 400 милиони кубни метри годишно, со тенденција за зголемување. Албанија е директно вклучена во TAP и има амбиции да стане регионален гасен хаб. Романија и Унгарија се дел од иницијативата за зелени енергетски коридори преку Црното Море.

Македонија има реална шанса да биде следната. Потенцијалот е тука – од изградба на интерконектори и складишта, до дигитализација и зелени проекти. Партнерството со SOCAR може да донесе нов импулс во модернизацијата на енергетската инфраструктура и да обезбеди отпорност на ценовни шокови, како и јасна рамка за одржлива транзиција.

Затоа, оваа соработка не е само енергетска. Таа е и геополитичка, економска и технолошка. Македонија може да се позиционира како мост меѓу Каспискиот регион и Европа, улога што отвора нови перспективи за развој на транспортот, трговијата, туризмот и странските инвестиции.

Но за таа визија да стане реалност, потребни се одлучност, институционална синхронизација и стратешко планирање. Потпишувањето на Декларацијата за стратешко партнерство треба да биде само првиот чекор. Потребни се конкретни договори, имплементација на проекти, инвестиции и структурни реформи што ќе го трансформираат македонскиот енергетски сектор – во интерес на државата и на идните генерации.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads