Лондон. 22 јули 2025 – Британскиот енергетски гигант BP именуваше нов претседател на Бордот на директори на компанијата: Алберт Манифолд, долгогодишен директор на ирската градежна компанија CRH. Неговото именување, најавено во понеделникот, ги изненади инвеститорите и енергетските кругови поради неговото потекло надвор од нафтениот и гасниот сектор.
Манифолд, кој во последните 26 години ја изгради својата кариера во индустријата за градежни материјали, е познат по дисциплината, фокусот на поврат за акционерите и успешната трансформација на CRH, денес најголем снабдувач со градежни материјали во САД. Под негово водство, CRH оствари вкупен принос од 342% за акционерите, а неговото искуство во зголемување на пазарната вредност, особено во САД, беше клучен фактор за BP.
Иако не доаѓа од енергетскиот сектор, неговата назначување е поддржано од некои од најважните инвеститори на BP, како Elliott Management, кои ја истакнаа неговата способност за создавање вредност. Претседавањето со BP Манифолд ќе го преземе во октомври, а паралелно ќе биде и советник во инвестициската фирма CD&R.
Именувањето доаѓа во период на турбуленции за BP, која се обидува да ја поврати довербата на инвеститорите по промената на стратегијата и фокусот назад кон нафтата и гасот. Акциите на компанијата паднаа за повеќе од 8% од објавувањето на новиот правец во февруари.
Поддржувачите на Манифолд го опишуваат како нископрофилен, но ефикасен лидер. „Не ни треба некој со висока јавна експонираност. Потребен ни е некој што ќе ја води стратегијата и ќе ја подобри изведбата“, изјави лице вклучено во процесот на избор.
Манифолд, кој потекнува од Даблин, беше познат по скромниот стил на работа, без луксузи, со силна ориентација кон резултати. Иако не е од енергетскиот сектор, тој има блиски контакти со поранешни директори на BP, што дополнително ја зајакнува неговата позиција.
BP останува под притисок поради високи долгови и недоверба на пазарот, но новото раководство се надева дека Манифолд ќе донесе финансиска стабилност и посакуван поврат за акционерите.
Извор: Financial Times