Брисел, 8 мај 2025 – Европската комисија започна нова серија постапки против земји членки поради неусогласеност со законодавството на ЕУ во делот енергетскиот сектор. На мета се, пред се, Данска, Естонија и Романија, но и уште десетина други земји кои каснат со транспозицијата на важни директиви за обновлива енергија и тргување со емисии.
Комисијата испрати формално писмо до Данска и образложено мислење до Естонија поради нецелосна примена на Директивата (ЕУ) 2023/2413, со која се реформира постојната рамка за забрзување на издавањето дозволи за проекти од обновливи извори. Рокот за транспозиција истече на 1 јули 2024 година.
Меѓу обврските кои не се спроведени се вбројуваат: поедноставени административни процедури, конкретни рокови за добивање дозволи, централизирани точки за апликација и признавање на проектите како од „преовладувачки јавен интерес“.
Ако земјите не постапат во рок од два месеца, Комисијата може да ги упати случаите пред Судот на правдата на ЕУ.
Покрај ова, во насока на зајакнување на Системот на ЕУ за тргување со емисии (EU ETS), Комисијата испрати образложени мислења до 12 земји членки, вклучувајќи ги Белгија, Бугарија, Шпанија, Унгарија и Финска. Причината е недовршена или отсутна транспозиција на Директивите 2023/959 и 2023/958, кои ги прошируваат ETS правилата на поморскиот и авио-секторот.
Овие директиви се клучни за исполнување на климатските цели на ЕУ до 2030 година и нивната примена треба да обезбеди фер пазарни услови и ефикасно намалување на емисиите. Комисијата веќе испрати писма со опомени во јануари 2024, но дел од земјите и понатаму немаат целосно известено за спроведените мерки.
Дополнително, Комисијата испрати образложено мислење до Романија, поради закон со кој се ограничуваат цените на продажба на природен гас на големо. Романија им наложува на домашните производители да продаваат дел од гасот по фиксна цена, што според Брисел, го нарушува пазарниот механизам и слободата на формирање на цени, во спротивност со Директивата 2009/73/ЕЗ.
Комисијата нагласи дека оваа постапка не се однесува на прашањето за ограничувањето на приходите од производителите на електрична енергија, бидејќи тоа прашање сè уште е предмет на одлука пред Судот на правдата.
Извор: Европска комисија