Њјуорк. 05 Мај 2025 – Инвестициската банка Goldman Sachs ја намали својата прогноза за цените на нафтата, по неочекуваната одлука на земјите-членки на OPEC и нивните сојузници (OPEC+) да го забрзаат темпото на зголемување на производството. Во инфомрација објавена во неделата, банката предупредува на пониски цени на глобалните нафтени пазари во следните две години.
Според новите проценки, цената на Brent суровата нафта се очекува да изнесува во просек 60 долари за барел во остатокот од 2025 година, и да падне на 56 долари во 2026 година, што е намалување од 2 долари во однос на претходната прогноза. Истовремено, прогнозата за West Texas Intermediate (WTI) е намалена за 3 долари, и сега изнесува 56 долари за 2025 и 52 долари за 2026 година.
Овие корекции доаѓаат по саботната одлука на OPEC+ да го зголеми производството за втор месец по ред, со планирано зголемување од 411.000 барели дневно во јуни, и покрај падот на цените и ослабените очекувања за глобалната побарувачка.
Goldman Sachs ја толкува оваа стратегија како долгорочен потег насочен кон одржување на внатрешната кохезија на алијансата и контрола врз американската шкрилска нафта, во услови на релативно ниски резерви.
Банката сега очекува и уште едно зголемување на производството во јули, до 410.000 барели дневно, што е речиси тројно повеќе од претходната прогноза од 140.000 барели. Промената е базирана на последните податоци за повисок од очекуваниот економски раст, што укажува дека OPEC+ можеби нема да има доволно сигнали за забавување на производството кога ќе ги носи одлуките за јули на 1 јуни.
Иако краткорочните пазарни показатели укажуваат на затегнати услови, Goldman Sachs предупредува дека високата резервна продукциска способност и зголемениот ризик од рецесија создаваат надолен притисок врз цените на нафтата.
Извор: Ројтерс