Поскапиот гас на светските берзи повторно ја крева цената на парното во Скопје

Од 1 декември сметките за домаќинствата во системите на ЕСМ ќе пораснат во просек за 7,56% . Со двете покачувања во четири месеци, просечната сметка е повисока за 328 денари.

Скопјани од декември ќе плаќаат во просек 2.681 денар за парно, откако поскапувањето на природниот гас на европскиот пазар ја принуди Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да ги ревидира тарифите утврдени во јули. Новата корекција ја зголемува просечната сметка за 188 денари, наспроти 140 денари во август. За домаќинствата приклучени на „Енерџи Еколинк“, поранешна топлана „Скопје Север“, цената ќе порасне за 5,84%.

Декемвриското поскапување е поголемо во сите три системи. Во август цената за домаќинствата на ЕСМ Снабдување порасна за 5,96%, кај ЕСМ Енергетика за 5,18%, а кај „Енерџи Еколинк“ за 3,65%. Според објавените пресметки на РКЕ, сметката од 2.681 денар е околу 14% повисока од износот од 2.353 денари пред августовското покачување. Во Скопје на централно греење се приклучени близу 70.000 потрошувачи.

РЕКЛАМА

Гасот ги надмина летните прогнози

Просечната цена на холандскиот TTF, европската референтна точка за природниот гас, за испорака следниот ден порасна од 53,64 евра за мегават-час во јули на 87,30 евра во октомври, според General Index. Растот од речиси 63% го поттикнаа неизвесноста околу пловидбата низ Ормускиот Теснец, ограничените испораки на течен природен гас од Катар и резервите во европските складишта под вообичаеното сезонско ниво.

Притисокот врз домашните тарифи бил видлив уште на крајот на септември. Според барањето на ЕСМ Енергетика, цитирано во одлуката на РКЕ, фјучерсите на TTF за последниот квартал биле над 40% повисоки од цената што регулаторот ја предвидел во јули. РКЕ ја ревидираше прогнозата за трошокот за гас за октомври–декември и ги одобри новите тарифи со примена од 1 декември.

Набавките на ЕСМ покажуваат како берзанските цени се пренесуваат во трошоците на топланите. За дел од ноемвриските испораки, ЕСМ Производство на топлина избра понуда по фиксна цена од 89,50 евра за мегават-час. За набавката од 1 декември, цената ќе се пресметува со еднаква тежина на холандскиот TTF и бугарскиот Balkan Gas Hub, со договорена маржа. Движењата на двете берзи ќе ја одредуваат набавната цена на гасот, а врз сметките на домаќинствата ќе влијаат преку трошоците што РКЕ ги признава при утврдувањето на тарифите.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил