Вчера, за време на првиот Форум за енергетска дипломатија во Скопје, беше усвоена Скопската декларација за енергетска дипломатија и женско лидерство. Учесниците повикаа на посилна регионална соработка за посигурно снабдување со енергија и дадоа поддршка за формирање меѓународна мрежа преку која повеќе жени би учествувале во преговорите и во носењето одлуки во секторот.
Форумот се одржа на иницијатива на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, предводено од Сања Божиновска, во партнерство со Канцеларијата на ОН во Македонија, УНДП и Економската комисија на ОН за Европа (УНЕЦЕ). Божиновска ја потпиша декларацијата во име на учесниците заедно со постојаната координаторка на ОН Рита Колумбија, директорот во УНЕЦЕ Дарио Лигути и постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан.
За земјите во регионот, декларацијата става акцент на повеќе извори и рути за снабдување, посилни прекугранични врски и подобро поврзани енергетски пазари. Повеќе рути им даваат на земјите дополнителни опции при прекин на снабдувањето, додека подобрата поврзаност ја олеснува размената на енергија меѓу соседите. Документот повикува и на заштита на критичната енергетска инфраструктура и на инвестиции во обновливи извори, енергетска ефикасност и електрификација.
Дел од овие прашања би се разгледувале и во рамките на предложената Мрежа на жени во енергетската дипломатија (WEDN). Нејзината стратешка рамка за 2027–2030 предвидува разговори за енергетската безбедност, прекуграничното поврзување, критичните минерали и зелените инвестиции, со поголемо учество на жени министри, амбасадори, регулатори и преговарачи. Една од можностите е мрежата да ги поврзува жените на раководни позиции во секторот со инвеститори и развојни партнери.

Во формирањето на мрежата, повелбата му дава водечка улога на македонското Министерство за енергетика. Министерството е предвидено како основачка институција и домаќин на секретаријатот, а функцијата што ја извршува Божиновска би го презела првото претседавање. Со развојот на мрежата, во нејзиното управување би се вклучиле и други влади и партнерски институции. Тимот на ОН во земјата би имал советодавна улога, со УНДП како водечки технички партнер.
Покрај учеството во преговорите и на раководни позиции, рамката предвидува менторство и можности за девојки и млади жени да влезат во техничките професии. Таа ја опфаќа и размената на практики за спречување на вознемирувањето и дискриминацијата на работните места во енергетиката и рударството.
Декларацијата дава поддршка и за редовно одржување на Форумот за енергетска дипломатија. Документот е доброволен и необврзувачки, а конкретните активности на мрежата ќе зависат од договорите меѓу партнерите и од средствата што ќе ги обезбедат.
Енергетика 24
