Генералниот секретар на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), Хаитам ал-Гхаис, ја обвини Европската Унија дека е одговорна за неуспехот на преговорите на климатскиот самит COP31 во Анталија, отфрлајќи ги критиките дека земјите производители на нафта и гас го попречиле постигнувањето договор.
Во објава насловена „Што навистина се случи на COP31?“, Ал–Гхаис оцени дека нафтените и гасните производители учествувале во преговорите со добра волја и дека не треба да бидат обвинувани за нивниот неуспех.
„Тие не беа страните што ја напуштија конференцијата. Тие не беа оние што ги блокираа преговорите“, напиша тој, алудирајќи на одлуката на ЕУ и на други земји да го отфрлат завршниот предлог на претседавачите со самитот, Турција и Австралија.
Самитот заврши без договор, два дена подоцна од предвиденото, откако европските претставници оценија дека предложениот текст е неприфатлив бидејќи не содржи повик за напуштање на фосилните горива. Дел од учесниците, пак, ги обвинија нафтените држави дека имале несразмерно големо влијание врз текот на преговорите.
Една од главните точки на несогласување беше и вклучувањето на технологиите за зафаќање, искористување и складирање на јаглеродниот диоксид (CCUS). Земјите производители на нафта и гас поддржуваа нивно споменување во завршниот документ, додека дел од малите островски и земјите во развој се спротивставија, оценувајќи дека технологијата е скапа, недоволно докажана во големи размери и може да го продолжи користењето на фосилните горива.
Ал-Гхаис ја обвини ЕУ за двојни стандарди, посочувајќи дека Унијата истовремено повикува на напуштање на јаглеводородите и ги ублажува сопствените енергетски регулативи. Како пример ја наведе одлуката за одложување до 2029 година на примената на барањата за евидентирање на емисиите на метан за увозниците на нафта и гас.
Турскиот министер за животна средина и претседател на COP31, Мурат Курум, изјави дека претседавачите се обиделе да ги вклучат сите страни, но дека инсистирањето на ЕУ на формулацијата за фосилните горива било една од главните пречки за консензус. Како дополнителен извор на несогласувања ги посочи и прашањата за климатското финансирање.
Според аналитичарот Анас Алхаџи од Energy Outlook Advisors, ЕУ на крајот го отфрлила компромисниот текст што се повикувал на консензусот од Дубаи од 2023 година. Тој документ предвидуваше транзиција од фосилните горива, но истовремено ги признаваше технологиите за зафаќање на јаглеродот и различните национални околности на земјите.
Сепак, за дел од земјите во развој таквата формулација била неприфатлива. Главната преговарачка на Маршалските Острови, Кети Џетнил-Кијнер, изјави дека не жали што не го поддржала договорот, бидејќи во него било предвидено вклучување на технологиите CCUS.
Извор: Ројтерс
