Чешка воведува данок на екстрапрофит за рафинериите, мерката ќе го погоди „Орлен“

Долниот дом на чешкиот парламент одобри воведување данок на екстрапрофит за рафинериите за 2026 и 2027 година, со што ќе биде опфатено и работењето на полската енергетска групација „Орлен“ во земјата. Владата очекува само во првата година од примената на мерката да собере најмалку 5,5 милијарди круни, односно околу 247 милиони долари.

Данокот ќе изнесува 50% од зголемувањето на бруто-маржите од рафинирање во однос на нивото од 2025 година. Според чешката влада, рафинериите остваруваат неочекувано високи приходи поради проширувањето на разликата меѓу цените на суровата нафта и нафтените деривати, во услови на енергетските потреси поврзани со војната меѓу САД, Израел и Иран.

Мерката директно ќе го засегне „Орлен Унипетрол“, чешката подружница на полската групација, која е сопственик на двете рафинерии во земјата. Компанијата остро се спротивстави на предлогот, предупредувајќи дека дополнителниот даночен товар ќе ја ограничи нејзината способност да инвестира во модернизација на рафинериските капацитети.

РЕКЛАМА

Од „Орлен Унипетрол“ наведуваат дека компанијата бележела загуби во претходните две години и дека не исплатила дивиденда откако „Орлен“ ја презеде во 2018 година. Според компанијата, новиот данок не ја одразува нејзината реална финансиска состојба.

Чешката влада, пак, планира приходите од данокот да ги искористи за надоместување на буџетските загуби од намалувањето на акцизите за моторните горива, мерка што беше воведена претходно годинава по силниот раст на цените на пазарот.

Предлог-законот сега треба да помине и во горниот дом на парламентот, каде што опозицијата има мнозинство и може да побара негово враќање во долниот дом. Сепак, владата располага со доволно гласови за повторно да го усвои законот и покрај евентуалното вето, но ќе мора да ја забрза постапката за да ја заврши пред крајот на годината.

Сличен даночен пристап веќе примени и Полска, матичната земја на „Орлен“, каде што е воведен данок на екстрапрофит од продажбата на горива од рафинериите. Полските власти очекуваат од таа мерка да соберат околу четири милијарди злоти, или приближно 982 милиони долари, во текот на годинава.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил