РКЕ: Цената на парното од 1 август повисока за 5,96 проценти

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која од 1 август се зголемува цената на топлинската енергија за домаќинствата во Скопје што се снабдуваат преку ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ Производство на топлина. Просечното зголемување изнесува 5,96%, што ќе значи повисоки месечни сметки за околу 140 денари.

Според пресметките на РКЕ, просечната сметка за парно ќе се зголеми од 2.353 на 2.493 денари месечно.

За корисниците на поранешна „Топлана Скопје Север“, со која управува „Енерџи Еколинк“, цената ќе се зголеми во просек за 3,6%, додека за домаќинствата што се снабдуваат преку ЕСМ Енергетика поскапувањето ќе изнесува околу пет проценти.

РЕКЛАМА

Ова е второ зголемување на цената на топлинската енергија за помалку од една година. Претходно, од 1 декември 2025 година, РКЕ ја зголеми цената на парното во просек за 5,9%, со што просечната месечна сметка се зголеми од околу 2.200 на 2.330 денари, односно за околу 130 денари.

Со најновата корекција, просечната сметка достигнува 2.493 денари, што значи дека за осум месеци е повисока за вкупно 293 денари месечно во однос на периодот пред декемвриското поскапување. Тоа претставува вкупен раст од околу 13,3%, при што двете зголемувања не се собираат аритметички, туку второто се пресметува врз веќе зголемената цена.

Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, изјави дека одлуката е донесена по детални економски и технички анализи на работењето на компаниите кои обезбедуваат топлинска енергија во Скопје.

Тој посочи дека енергетските компании во регулаторната постапка побарале зголемување на цените во распон од 30 до 130%, но Комисијата, по извршените анализи, одлучила корекцијата да изнесува 5,96%.

Ристов нагласи дека РКЕ ја поддржува иницијативата за обединување на компаниите на ЕСМ што работат во секторот за топлинска енергија, оценувајќи дека тоа ќе овозможи поефикасно користење на ресурсите и ќе создаде услови за поодржлив систем и поповолни цени за потрошувачите.

Според анализите на Комисијата, и по новата корекција, домаќинствата во Скопје што се греат на топлинска енергија имаат пониски годишни трошоци во споредба со корисниците во Белград, Љубљана, Софија и Сараево.

Во изминатата грејна сезона на системот за централно греење биле приклучени уште 1.521 нов корисник, со што вкупниот број потрошувачи достигнал 67.494.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил