Европската комисија воведува привремени заштитни квоти за увоз на одредени категории хибридни патнички автомобили, со цел да ја заштити европската автомобилска индустрија од наглото зголемување на увозот. Мерките ќе почнат да се применуваат од 1 декември и ќе важат за увозот од сите земји, без оглед на потеклото на возилата.
Одлуката следува по истрага на Европската комисија, која покажала дека увозот на хибридни автомобили во Европската Унија значително се зголемил од 2023 година. Според наодите, европските производители губат пазарен удел и покрај растот на побарувачката на пазарот на ЕУ, што ја доведува во прашање долгорочната одржливост на нивниот бизнис со хибридни возила.
Брисел проценува дека постои непосредна закана од сериозна штета за домашната индустрија, поради што се воведуваат ограничувања на количините што можат да се увезат.
Квотите ќе бидат распределени на два начина, посебни квоти за земјите со значително учество во снабдувањето на европскиот пазар и заедничка квота за сите останати земји. За државите што учествувале со повеќе од 2% во вкупниот увоз на хибридни автомобили во ЕУ во 2025 година, ограничувањата се утврдени врз основа на увезените количини во таа година, зголемени за нешто повеќе од 15%. Увозот над утврдените квоти нема да биде дозволен.
Иако мерките се поврзани со договореното разбирање меѓу ЕУ и Кина за ограничување на кинескиот извоз на хибридни возила, постигнато на 9 октомври на втората средба за трговски и инвестициски консултации, тие нема да се однесуваат само на кинеските производители, туку на сите земји извознички.
Заштитните мерки опфаќаат целосни хибридни електрични возила (ХЕВ), приклучни хибриди (ПХЕВ) и благи хибриди (МХЕВ). Сите овие категории комбинираат мотор со внатрешно согорување и електричен погон, но се разликуваат според начинот на полнење и капацитетот на батеријата. Приклучните хибриди можат да се полнат преку електричната мрежа, додека целосните хибриди ја произведуваат електричната енергија преку сопствениот погон и системот за рекуперација при сопирање.
Привремените ограничувања ќе важат најмногу 200 дена. Европската комисија во рок од девет месеци од почетокот на истрагата може да донесе и конечни заштитни мерки, при што рокот може да биде продолжен за дополнителни два месеца.
Извор: Европска комисија
