Блумберг: Неизвесно американското финансирање за Јужната гасна интерконекција во БиХ

Финансиската поддршка од две американски државни институции за проектот Јужна гасна интерконекција, со кој Босна и Херцеговина треба да се поврзе со гасниот систем на Хрватска, засега не е обезбедена, иако претходно беше претставувана како важен дел од финансиската конструкција на инвестицијата. Ова го објави „Блумберг“, повикувајќи се на изјави од американската Извозно-увозна банка (ЕКСИМ) и извори запознаени со состојбата.

Портпарол на ЕКСИМ потврдил за „Блумберг“ дека банката досега не одобрила, ниту презела обврска за финансирање на компанијата ААФС Инфраструктура и енергија, која е вклучена во проектот.

„Во овој момент немаме одобрено ниту сме се обврзале на какво било финансирање на таа компанија“, се наведува во одговорот на американската институција.

РЕКЛАМА

Неизвесност има и околу вклучувањето на Американската корпорација за меѓународно развојно финансирање (ДФЦ). Според извор запознаен со ситуацијата, на кој се повикува „Блумберг“, проектот засега не бележи напредок ниту во оваа финансиска институција.

Директорот на ААФС за Босна и Херцеговина, Амер Бекан, потврдил дека разговорите со ЕКСИМ се запрени, но оценил дека тоа нема да ја загрози реализацијата на проектот. Според него, компанијата обезбедила до 450 милиони евра и преговара со други инвеститори, а се очекува и потпишување договор со Владата на Федерацијата БиХ.

Финансиската конструкција сè уште не е затворена

Американските државни финансиски институции претходно беа посочувани од раководството на ААФС како значајни партнери во планираното финансирање на инвестициите во Босна и Херцеговина.

Џозеф Флин, еден од раководителите на компанијата и брат на поранешниот советник за национална безбедност на Доналд Трамп, Мајкл Флин, во интервју за Федералната телевизија во пролетта зборувал за поддршката од американски банки и пристапот до институции како ДФЦ. И други претставници на компанијата претходно го споменувале ЕКСИМ како потенцијален извор на финансирање.

Покрај Флин, во раководството на ААФС е и Џеси Бинал, поранешен адвокат на Доналд Трамп. Компанијата претходно најавуваше инвестициски пакет вреден повеќе милијарди долари, кој, покрај Јужната интерконекција, опфаќа и други енергетски и инфраструктурни проекти во БиХ. Меѓу нив се изградба на патишта, преземање под концесија на аеродромите во Сараево и Мостар, како и изградба на голем центар за податоци во Мостар.

Проект од стратешко значење за БиХ

Јужната гасна интерконекција предвидува изградба на гасовод со кој Босна и Херцеговина ќе се поврзе со хрватскиот гасен систем и терминалот за течен природен гас на островот Крк. Преку овој терминал на европскиот пазар пристигнува ЛНГ од различни извори, вклучително и од САД.

Проектот има поддршка од американската администрација. Американскиот министер за енергетика Крис Рајт го поддржа во рамките на иницијативата „Мировен гасовод“, насочена кон зајакнување на енергетските врски и зголемување на пласманот на американските енергенси на европскиот пазар.

Договорот за гасното поврзување меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска беше потпишан во Дубровник во пролетта, од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседавачката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, во присуство на американскиот министер Рајт.

За Босна и Херцеговина, интерконекцијата има стратешко значење бидејќи треба да овозможи диверзификација на изворите и правците за снабдување со природен гас, намалување на зависноста од рускиот гас и пристап до алтернативни испораки преку хрватската инфраструктура.

Сепак, најновите информации за разговорите со американските финансиски институции отвораат прашања за првично најавената финансиска конструкција. Иако ААФС тврди дека располага со средства и бара други инвеститори, поддршката од ЕКСИМ и ДФЦ засега не е потврдена.

Извор: Bloomberg.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил