ЕМБЕР: Комбинацијата на ветер, сонце и батерии овозможува поевтина и посигурна електрична енергија

Комбинирањето на сончевата и ветерната енергија со батериски системи може значително да ја намали цената на сигурното снабдување со електрична енергија, да ја ограничи потребата од складирање и да ја намали зависноста од гасните и дизелските централи. Според анализата на меѓународниот енергетски тинк-тенк „Ембер“, додавањето ветерни електрани кон системите базирани на сонце и батерии ги намалува трошоците за задоволување на 90% од побарувачката за електрична енергија од 105 на 86 долари за мегават-час.

Ветерната енергија станува клучен фактор за зголемување на сигурноста и економичноста на обновливите извори, особено во региони каде што производството од сончевите електрани значително варира во текот на денот и годината. Причината е во различните производствени циклуси на овие два извора: сончевите електрани произведуваат најмногу во сончевите часови и летните месеци, додека ветерните електрани во многу делови од светот имаат поголемо производство во постудените и облачни периоди, кога сончевата енергија е помалку достапна.

Ова е главниот заклучок на најновата анализа на „Ембер“, објавена на 16 ноември 2026 година, насловена „Искористување на ветровите“ (Harnessing the Winds), која ја надградува претходната анализа за можностите на сончевата енергија и батериското складирање. Истражувањето ги опфаќа регионите во светот и ги анализира производството, временските услови и трошоците на системите на час, врз основа на десетгодишни метеоролошки податоци.

РЕКЛАМА

Според пресметките, додавањето ветерна енергија ги намалува просечните трошоци за обезбедување електрична енергија во 90% од времето за речиси една петтина. Истовремено, за истиот трошок, комбинацијата на сонце, ветер и батерии може да обезбеди покривање на поголем дел од побарувачката – од 80% до 95%.

Помала потреба од батерии и пониски трошоци

Една од најважните придобивки од комбинирањето на сончевата и ветерната енергија е намалувањето на потребниот капацитет за складирање. Батериите можат економично да ги покриваат краткотрајните недостиг на производство, но обезбедувањето енергија во подолги периоди со слабо производство од обновливите извори бара значително поголеми капацитети и повисоки инвестиции.

Ветерните електрани го ублажуваат овој проблем бидејќи нивното производство не се совпаѓа целосно со производството од сончевите електрани. Така, во периодите кога сончевата енергија е ограничена, ветерот може директно да надомести дел од недостигот, со што се намалува потребата од големи батериски системи.

Анализата покажува дека во Канада потребниот капацитет на батериите за обезбедување 90% покриеност на побарувачката се намалува од 24 на 10 часа. Во САД и Европа потребното складирање се намалува од 20 на 12 часа, а во Кина од 18 на 12 часа. Во Индија, каде што влијанието на ветерот врз сезонските разлики во производството е помало, потребниот капацитет останува на 14 часа.

Со вклучување на ветерната енергија, три четвртини од светската побарувачка за електрична енергија би можеле да бидат задоволени 90% од времето по цена под 100 долари за мегават-час. Без ветерна енергија, оваа можност би се однесувала на околу половина од глобалната побарувачка.

Ветерот ја намалува разликата меѓу регионите

Придобивките од ветерната енергија се особено изразени во северните географски широчини, каде што сончевото производство е послабо во зимските месеци, токму во периодот кога ветерот може да обезбеди поголема количина електрична енергија.

Според „Ембер“, северно од 45 степени географска широчина, додавањето ветер ја намалува средната цена за обезбедување 90% покриеност на побарувачката за околу 40%, од 164 на 99 долари за мегават-час. Сличен ефект е забележан и во јужните делови на Чиле и Аргентина, јужно од 40 степени географска широчина, каде што трошоците се намалуваат за една третина, од 94 на 63 долари за мегават-час.

Примерот со Германија особено јасно ја покажува комплементарноста на двата извора. Ветерните електрани во оваа земја произведуваат 44% од годишната електрична енергија во периодот од ноември до февруари, додека во истиот период сончевите електрани остваруваат само 12% од годишното производство. Со нивно комбинирање се постигнува порамномерно производство во текот на сите сезони.

Ова е важно и од аспект на географската распределба на потрошувачката. Околу 25% од светската побарувачка за електрична енергија се наоѓа северно од 45 степени географска широчина. Без ветерот, економски најповолните системи за сигурно снабдување од обновливи извори би биле концентрирани главно во региони со многу сонце. Со вклучување на ветерната енергија, конкурентноста на ваквите системи се проширува на речиси сите делови од светот.

Ретко се случува сонцето и ветерот истовремено да потфрлат

Едно од најчестите прашања поврзани со поголемото учество на обновливите извори во електроенергетските системи е нивната способност да обезбедат стабилно производство во подолги периоди со неповолни временски услови.

Анализата покажува дека периодите со слабо производство од сончевите и ветерните електрани ретко се случуваат истовремено. Според историските метеоролошки податоци, во светски рамки, период со седум последователни дена во кои сончевото производство е помало од половина од неговиот просек се јавува приближно четири пати годишно. Кај ветерот, ваквите периоди се случуваат околу осум пати годишно.

Но, период кога и сончевото и ветерното производство истовремено се под ова ниво се случува во просек еднаш на околу четири години.

Оваа разлика е особено важна за планирањето на електроенергетските системи, бидејќи комбинацијата на двата извора ја намалува веројатноста за подолги периоди во кои производството од обновливи извори не може да ја следи побарувачката.

Помала зависност од гасните и дизелските централи

Иако сончевата и ветерната енергија, заедно со батериите, можат да покријат значителен дел од потребите, во анализата се предвидува и користење дополнителни капацитети за периодите кога производството од обновливи извори и складираната енергија не се доволни.

Како резервни извори се разгледуваат гасните турбини и дизел-генераторите, кои би работеле само во преостанатите часови со недостиг на електрична енергија.

Сепак, нивната улога значително се намалува со додавањето ветерни електрани. За трошок од 98 долари за мегават-час, систем базиран само на сончева енергија и батерии може да покрие 90% од побарувачката. Со вклучување на ветерот, за 98 долари може да се обезбеди покривање на 95% од потребите, со што обемот на електрична енергија што треба да се обезбеди од резервните капацитети се намалува приближно за половина.

„Ембер“ проценува дека за просечен трошок од 89 долари за мегават-час може да се обезбеди целосно покривање на побарувачката со комбинација од сончеви и ветерни електрани, батерии и ограничено користење резервни капацитети.

Поголемиот дел од планираните јагленови и гасни централи имаат поевтина алтернатива

Анализата отвора и прашање за економската оправданост на новите инвестиции во производствени капацитети на јаглен и природен гас.

Во светот се планира изградба на околу 845 гигавати нови капацитети на јаглен и гас. Но, според моделот на „Ембер“, голем дел од овие проекти се наоѓаат во региони каде што комбинацијата на сончева и ветерна енергија, батерии и резервно производство веќе може да обезбеди поевтина алтернатива.

При критериум од 90% покриеност на побарувачката, учеството на планираните капацитети за кои обновливите извори претставуваат поевтина алтернатива се зголемува од 71% на 90% со додавање ветерна енергија.

Особено значаен е податокот дека за околу пет шестини од планираните капацитети, односно 706 гигавати, може да се обезбеди алтернатива со сигурно производство од обновливи извори по цена под 100 долари за мегават-час. Без ветерната енергија, овој капацитет би изнесувал 520 гигавати.

Од „Ембер“ нагласуваат дека споредбата се однесува на можноста обновливите извори да ја задоволат истата побарувачка, а не на целосна замена на сите системски услуги што ги обезбедува секоја поединечна конвенционална електрана.

Во анализата се посочува и дека движењата на пазарите на јаглен и гас, вклучително и кризата во Ормускиот Теснец, дополнително ја нагласуваат изложеноста на електроенергетските системи на цените на фосилните горива. Наспроти тоа, трошоците за сончевите и ветерните електрани и батериите имаат тенденција на намалување со растот на инсталираните капацитети и развојот на технологијата.

Глобалниот потенцијал на ветерот е многу поголем од потребите

Едно од прашањата што се поставуваат при планирањето на ваквите системи е дали има доволно расположлив ветерен потенцијал за значително зголемување на производството.

Според конзервативната процена на „Ембер“, глобалниот потенцијал за производство на електрична енергија од ветер е најмалку 19 пати поголем од вкупната светска побарувачка за електрична енергија.

Региони во кои се користат 93% од светската електрична енергија имаат потенцијал за изградба на најмалку еден гигават ветерни капацитети на сопственото копно и крајбрежје. Во регионите што учествуваат со 82% во глобалната потрошувачка, потенцијалот изнесува најмалку 10 гигавати.

Истражувањето посочува дека ветерниот потенцијал не е ограничен само на неколку крајбрежни подрачја или региони со исклучително поволни ветрови, туку е достапен во многу поширок географски опсег.

До 2050 година трошоците може да се намалат на 52 долари за мегават-час

Дополнителна предност е тоа што ветерната енергија има сопствена крива на технолошки развој и намалување на трошоците, независно од напредокот кај сончевите електрани и батериите.

Според анализата, инсталираните трошоци за изградба на копнени ветерни електрани се намалуваат за 25% со секое удвојување на инсталираниот капацитет.

Врз основа на проекциите за развој на технологијата и трошоците, „Ембер“ проценува дека цената на сигурното производство од комбинацијата на сончева и ветерна енергија може да се намали од сегашните 89 на 52 долари за мегават-час до 2050 година.

Дури и со понатамошното поевтинување на батериите и сончевите електрани, ветерот ќе ја задржи својата улога во намалувањето на вкупните трошоци. Во регионите северно од 45 степени географска широчина, неговото додавање и во 2050 година би носело просечна заштеда од 24 долари за мегават-час.

Финансирањето останува важен фактор

Анализата укажува и дека цената на капиталот има значително влијание врз конечната цена на електричната енергија од обновливи извори. Бидејќи сончевите, ветерните електрани и батериските системи бараат високи почетни инвестиции, условите за финансирање можат да бидат подеднакво важни како и природните ресурси и технолошките трошоци.

Во основниот модел „Ембер“ користи единствена стапка на трошок на капитал од 7% за сите региони. Но, кога се применуваат реалните регионални разлики, резултатите се менуваат. Во Европа, каде што просечната цена на капиталот е 8%, трошокот за обезбедување 90% покриеност со ветерна енергија се зголемува од 99 на 104 долари за мегават-час. Во Африка, каде што цената на капиталот достигнува 14%, трошокот расте од 76 на 126 долари за мегават-час.

Тоа, според анализата, покажува дека повисоката цена на финансирањето може да ја намали конкурентноста на обновливите извори дури и во региони со исклучително поволни природни услови.

Главната порака на анализата е дека иднината на обновливата енергија не зависи од еден доминантен извор, туку од нивното комбинирање. Сончевата енергија обезбедува евтина електрична енергија во часовите со сонце, батериите ја пренесуваат нејзината достапност во подоцнежните часови, а ветерот го надополнува производството во периодите кога сончевата енергија е послаба.

Според „Ембер“, технологиите што се веќе достапни можат да овозможат обновливите извори да покриваат 80% и повеќе од светската побарувачка, а во голем дел од регионите и 90% или 95%. Предизвикот сè повеќе се префрла од технолошките можности кон темпото на изградба на новите капацитети и развојот на инфраструктурата што ќе овозможи нивна ефикасна интеграција во електроенергетските системи.

Извор: Ember-energy.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил