Европската Унија треба да воведе построги правила за користење кинески компоненти и технологии што содржат софтвер во критичната енергетска инфраструктура, вклучително и во ветерните електрани, смета извршниот директор на данскиот производител на ветерни турбини „Vestas“, Хенрик Андерсен.
Неговото барање доаѓа во период кога ЕУ ги ревидира правилата за сајбер-безбедност, во услови на проширување на електроенергетските мрежи и зголемување на производството од обновливи извори.
„Кога станува збор за критична инфраструктура, односно технологија или компоненти што содржат софтвер, мислам дека треба однапред и јасно да кажеме: не, благодарам“, изјави Андерсен за Ројтерс, одговарајќи на прашањето дали Европа треба да воведе правила слични на кинеските ограничувања за странска технологија.
Тој предупреди дека енергетските постројки што се градат денес имаат работен век од 30 до 50 години и дека е неопходно европските оператори да ја задржат контролата врз нивното функционирање.
Андерсен смета дека околу половина од компонентите на ветерните електрани во Европа треба да бидат произведени во рамките на ЕУ, но нагласува дека системите за управување и софтверот на турбините треба да се третираат одделно од ова барање.
Кинеските производители минатата година учествуваа со релативно мал дел во новите испораки на ветерни турбини во Европа, но сè поактивно настојуваат да влезат на европскиот пазар.
Загриженоста за безбедноста веќе влијае врз инвестициските одлуки. Германски инвеститор минатата година се откажа од кинескиот производител „Мингјанг“ за проект во Северното Море, додека Велика Британија во март соопшти дека нема да поддржи употреба на турбини од оваа компанија во своите офшор-ветерни проекти, повикувајќи се на безбедносни причини.
Од „Мингјанг“ за Ројтерс соопштија дека сите податоци од турбините се складираат локално во Европа, дека операторите ја задржуваат целосната контрола и дека не е дозволен далечински пристап без нивно изречно одобрение.
Кинеските ограничувања за странска технологија
Андерсен посочи дека и Кина вовела слични ограничувања, при што на „Vestas“ му било соопштено дека повеќе нема да може од Европа далечински да ги следи сензорите на сопствените турбини во Кина и да го ажурира нивниот софтвер. Како образложение било наведено дека странскиот пристап може да претставува ризик за кинеската електроенергетска мрежа.
„Кина ја постави границата пред пет години и сега е време да кажеме дека истите правила треба да важат за двете страни“, изјави директорот на „Vestas“.
Тој додаде дека не поддржува целосна забрана за кинеските компоненти во Европа, но смета дека европските производители треба да имаат еднаков пристап до кинескиот пазар, кој, според него, во голема мера им е ограничен.
Како дополнителен аргумент за потребата од контрола врз софтверот, Андерсен ги посочи неодамнешните кибернапади врз супермаркети низ Европа, при кои биле менувани температурите во ладилните уреди. Според него, овие инциденти покажуваат дека оној што има контрола врз софтверските ажурирања може да влијае врз функционирањето на уредите, без разлика дали станува збор за фрижидер, автомобил или ветерна турбина.
Од „Мингјанг“, пак, наведуваат дека поддржуваат еднаква примена на правилата за сајбер-безбедност врз сите добавувачи, но сметаат дека проценката на ризиците треба да се врши за секој производител одделно, со проверливи безбедносни механизми, наместо со општи забрани врз основа на земјата на потекло.
Кинеското Министерство за трговија претходно предупреди дека ќе преземе контрамерки доколку ЕУ ги усвои предложените измени на Законот за сајбер-безбедност, оценувајќи дека тие би можеле да ја нарушат технолошката неутралност и трговските односи меѓу Кина и Унијата.
Дебатата се интензивира во време кога европските земји инвестираат во проширување на електропреносната инфраструктура и интеграција на нови обновливи капацитети, што ја зголемува важноста на контролата врз дигиталните системи што управуваат со енергетските постројки.
Извор: Ројтерс
