Растечката побарувачка за електрични автомобили ги притиска профитите на германските производители

Растечката побарувачка за електрични автомобили им создава нови финансиски предизвици на германските автомобилски производители, бидејќи продажбата на новите електрични модели ги надминува очекувањата, но нивното производство сè уште не може да одговори на интересот на купувачите. Истовремено, електричните возила носат пониски профитни маржи од автомобилите со мотори со внатрешно согорување, што дополнително ги оптоварува финансиските резултати на компаниите.

Како што објавува германскиот деловен весник „Ханделсблат“, повикувајќи се на состојбите во индустријата, производителите се соочуваат со нова дилема: ако не успеат навреме да ја задоволат побарувачката за електрични автомобили, ризикуваат да ги загубат купувачите кои можат да се пренасочат кон кинеските конкуренти, а ако ја зголемат продажбата на сопствените електрични модели, тоа ќе изврши дополнителен притисок врз нивната профитабилност.

Промената во побарувачката делумно е поттикната од високите цени на горивата по ескалацијата на војната против Иран, што ги наведува потрошувачите да бараат алтернативи на автомобилите со бензински и дизел-мотори. Во исто време, зголемената продажба на електрични возила ја засилува конкуренцијата од кинеските производители, кои нудат поевтини модели и сè повеќе го освојуваат европскиот пазар.

РЕКЛАМА

Податоците покажуваат дека уделот на електричните автомобили во продажбата на трите најголеми германски производители – „Фолксваген“, „Мерцедес-Бенц“ и „БМВ“ – пораснал од 19,5% во третиот квартал од 2025 година на 26% во истиот период годинава.

Дополнително, според податоците на консултантската компанија ЕY, во октомври 37% од новорегистрираните автомобили во Европа биле целосно електрични.

За разлика од моделите со мотори со внатрешно согорување, електричните автомобили во моментов имаат пониски профитни маржи, пред сè поради високите трошоци за батериите. Тоа значи дека поголемиот удел на електричните модели во продажбата не се претвора автоматски и во подобри финансиски резултати за производителите.

„Успехот на нашите електрични автомобили на пазарот врши притисок врз нашите финансиски резултати“, изјави финансискиот директор на „Фолксваген“, Арно Антлиц, посочувајќи истовремено дека побарувачката за автомобилите со мотори со внатрешно согорување на клучните пазари во Европа и Кина се намалува.

Според „Ханделсблат“, брзата промена на пазарните услови ги отежнува и производственото планирање и управувањето со капацитетите. Купувачите на некои електрични модели во моментов чекаат и до една година за испорака, додека предвременото затворање на производствените линии за конвенционални автомобили создава дополнителни трошоци и сметководствени загуби.

Иако профитабилноста на електричните модели постепено се приближува до онаа на автомобилите со класични мотори, „Фолксваген“ и „Мерцедес-Бенц“ очекуваат изедначување на профитните маржи дури околу 2030 година.

Аналитичарот на автомобилскиот пазар во „Бенк оф Америка“, Хорст Шнајдер, смета дека промената во однесувањето на купувачите е долгорочен тренд.

„Купувачите на електрични автомобили се ослободуваат од предрасудите. Дури и ако цената на нафтата повторно се намали, продажбата на електрични автомобили долгорочно ќе продолжи да расте“, оценува Шнајдер.

Притисок и врз вработеноста во германската автомобилска индустрија

Паралелно со промените на автомобилскиот пазар, германската автомобилска индустрија се соочува и со сериозни предизвици во однос на вработеноста. Во првата половина од 2026 година бројот на вработени во секторот паднал под 700.000, што е најниско ниво од 2005 година.

Според податоците, за една година биле изгубени 42.300 работни места, а германското здружение на автомобилската индустрија ВДА предупреди на ризик од сериозно намалување на вработеноста во европскиот сектор доколку компаниите и работниците не прифатат посериозни промени за справување со конкуренцијата од Кина и другите пазари.

Во Германија, во првите осум месеци од 2026 година секој четврти новорегистриран автомобил бил електричен, додека во август нивниот удел достигнал околу една третина, наспроти приближно една петтина во 2025 година.

Истовремено, договорот меѓу Франција и Германија за ублажување на европските правила за емисиите од автомобилите и преиспитување на забраната за продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување по 2035 година предизвика критики од опозициските партии и еколошките организации. Тие предупредуваат дека ваквиот пристап може да ја забави европската автомобилска индустрија во развојот на клучните технологии, особено батериите и двонасочното полнење.

Состојбите покажуваат дека германските производители се наоѓаат во сложена фаза на трансформација: мора да го забрзаат преминот кон електрична мобилност за да ја задржат конкурентноста, но истовремено треба да најдат начин електричните модели да станат профитабилни во услови на засилена конкуренција и високи производствени трошоци.

Извор: Handelsblatt.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил