Цените на дизелот би можеле да останат високи и во текот на 2027 година, бидејќи ограничените рафинериски капацитети тешко ќе можат да одговорат на закрепнувањето на побарувачката и на потребата од повторно полнење на испразнетите залихи, оценува „Голдман Сакс“.
Инвестициската банка очекува премиите на дизелот и авионското гориво во однос на цената на суровата нафта, познати како рафинериски маржи, во просек да надминат 40 долари за барел во 2027 година. Тоа би било повеќе од двојно над вообичаеното ниво од околу 20 долари.
„Треба да ги задржиме цените на нафтените деривати доволно високи за да продолжи одредено намалување на побарувачката и следната година“, изјави Никхил Бандари, ко-раководител за истражување на природни ресурси во Азија и Пацификот во „Голдман Сакс“.
Според проценките на банката, цената на северноморската нафта „Брент“ би се стабилизирала на околу 80 долари за барел, доколку постепено се нормализира транспортот на сурова нафта низ Ормускиот Теснец. Но, тоа само по себе не би значело и значително поевтинување на дизелот, бидејќи главниот проблем е во преработувачкиот капацитет.
„Доколку следната година дојде до какво било закрепнување на побарувачката, сметаме дека глобалниот рафинериски систем ќе мора да достигне највисока стапка на искористеност што сме ја виделе во последните две децении“, рече Бандари.
На пазарот веќе се чувствува недостиг од рафинериски капацитети. „Голдман Сакс“ очекува 2026 година да биде уште една година со негативен раст на рафинериските капацитети, при што капацитетот надвор од Кина би се намалил за околу 300.000 барели дневно.
Истовремено, околу два милиони барели дневно рафинериски капацитет на Блискиот Исток и натаму е надвор од употреба, додека оштетените руски рафинерии дополнително ја ограничуваат понудата на дизел.
Американските рафинерии, кои работат со зголемена искористеност за да го надоместат падот на капацитетите, исто така ќе мора да спроведат одложено одржување, што привремено ќе го намали нивното производство.
Аналитичарот за енергетика на „ЦЛСА“, Баден Мур, предупредува дека неодамнешното намалување на потрошувачката не мора да значи дека побарувачката трајно исчезнала.
„Основната побарувачка за нафтени деривати во голема мера останува непроменета“, оцени Мур, додавајќи дека пазарот досега се балансирал преку управување со залихите, користење на резервите, ограничување на потрошувачката и оптимизација на работата на рафинериите.
Според него, обновувањето на глобалните залихи истовремено со задоволувањето на тековната побарувачка би можело да трае до две години.
Проценките доаѓаат откако земјите од Г7 минатата недела се согласија да пуштат на пазарот 100 милиони барели сурова нафта и нафтени деривати во период од четири месеци, при што значителен дел од дополнителната понуда на дизел треба да биде ослободен во првите 20 дена.
Најавата предизвика пад на европските фјучерси за гасно масло од 5,75%, но аналитичарите не очекуваат мерката трајно да ја реши состојбата со понудата.
„Итните ослободувања само решаваат проблем со ликвидноста, а не со основниот проблем со залихите“, вели Мур. Според него, ослободувањето на резервите купува време, но истовремено значи дека залихите дополнително се трошат наместо да се обновуваат, што подоцна создава нова побарувачка за нивно повторно полнење.
И главниот извршен директор на „Сауди Арамко“, Амин Насер, оцени дека итните ослободувања од резервите „можат да ни обезбедат една зима“, но не можат да го решат долгорочниот проблем со снабдувањето.
Главниот економист на „Кофејс“ за Азија и Пацификот, Бернард Ав, оцени дека ефектот од ослободувањето на резервите ќе биде привремен, а не структурен, што значи дека притисокот врз пазарот на дизел може да продолжи и по завршувањето на итните мерки.
Извор: CNBC.com
