Недоволниот капацитет на електроенергетските мрежи станува една од најголемите пречки за глобалната енергетска транзиција, бидејќи го забавува приклучувањето на нови проекти за обновлива енергија и го ограничува растот на чистото производство, предупредува Оле Кјемс Соренсен, партнер во данската инвестициска компанија „Copenhagen Infrastructure Partners“ (CIP).
Според него, во изминатите години главниот фокус беше ставен на зголемувањето на производните капацитети, додека инвестициите во мрежната инфраструктура не го следеа истиот ритам.
„Долго време зборуваме за потребата од повеќе производство од обновливи извори, но ја занемаривме потребата истовремено да ги прошируваме и електроенергетските мрежи“, изјави Соренсен за турската аганција Анадолу.
Тој предупредува дека ограничувањата во мрежата веќе го забавуваат развојот на проекти за обновлива енергија кои се економски оправдани, а за проширување на електроенергетската инфраструктура во следните 20 до 25 години потенцијално ќе бидат потребни повеќе од 20 илјади милијарди долари.
Според Соренсен, државите и операторите на електропреносните системи немаат доволно финансиски капацитет сами да го обезбедат обемот на инвестиции што ќе биде потребен.
„Потребни ни се нови модели на финансирање со кои приватниот капитал ќе стане партнер на јавно поседуваните преносни компании“, вели тој.
Соренсен смета дека владите имаат клучна улога во забрзувањето на енергетската транзиција, пред сè преку проширување на мрежите, поедноставување на процедурите за добивање дозволи и создавање предвидливи услови за инвеститорите.
За големите инфраструктурни проекти, според него, инвеститорите мора да имаат јасна слика за регулаторната и политичката рамка во подолг период.
„Инвеститорите имаат потреба од видливост за следните 10 до 20 години за да можат да вложат капитал во големи инфраструктурни проекти“, вели Соренсен.
Во пресрет на COP31, тој смета дека владите треба помалку да се фокусираат на поставување нови цели, а повеќе на исполнување на оние што веќе се преземени.
„Не треба повеќе толку да се фокусираме на поставување цели. Сега навистина станува збор за тоа како ќе ги реализираме“, посочува тој.
Посебно внимание, според Соренсен, треба да се посвети на тоа проектите за обновлива енергија да станат доволно финансиски сигурни за да можат да обезбедат финансирање. Владината поддршка, додава тој, не мора нужно да значи директни субвенции.
Како еден од механизмите ги издвојува договорите за разлика, односно CfD, кои можат да обезбедат долгорочна ценовна сигурност и со тоа да помогнат во привлекувањето инвестиции во нови проекти за обновлива енергија.
Данска како пример за поврзување на мрежите
Искуството на Данска во интегрирањето на обновливите извори, според Соренсен, покажува колку се важни прекуграничните електроенергетски врски.
„Поврзаноста меѓу земјите е клучен дел од решението“, вели тој, посочувајќи дека посилните интерконекции можат да придонесат за поголема отпорност на електроенергетските системи и полесно управување со променливото производство од обновливи извори.
Како пример ја наведува поврзаноста на Данска со Норвешка, која ѝ овозможува на Данска да ја користи норвешката хидроенергија како своевиден систем за складирање и на тој начин да интегрира поголем удел на променливи обновливи извори.
Соренсен посебно ги издвојува и брзорастечките економии во развој, каде што растот на побарувачката за електрична енергија, зависноста од јаглен и увозот на фосилни горива создаваат голем простор за инвестиции во обновливи извори.
„Ова се пазарите каде што токму сега е навистина важно да се направи разлика во енергетската транзиција“, заклучува тој.
Извор: Aa.com.tr
