ИЕА: Земјите членки ќе го забрзаат ослободувањето на нафтените резерви, приоритет е дизелот

Земјите членки на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) на состанокот одржан на 7 октомври ја поддржаа иницијативата за забрзување на ослободувањето на нафтените резерви договорено во март годинава, со цел преостанатите количини што поскоро да стигнат на пазарот. Во услови на затегнатост на пазарот на дизел, земјите членки се согласија и да дадат приоритет на ослободувањето на резервите од овој дериват, во рамки на можностите.

На состанокот на владите членки на ИЕА беше разгледано спроведувањето на колективната акција од март 2026 година, преземена како одговор на нарушувањата на енергетските пазари предизвикани од кризата поврзана со Ормускиот Теснец.

Според ИЕА, досега од резервите на земјите членки се ослободени околу 325 милиони барели нафта, при што некои земји пласирале и поголеми количини од првично најавените.

РЕКЛАМА

Сепак, значителен дел од договорените количини сè уште не е ослободен. Доколку на пазарот бидат пласирани сите преостанати резерви што беа ветени во рамки на мартовската колективна акција, дополнително би можеле да стигнат околу 100 милиони барели нафта.

ИЕА посочува дека земјите членки и понатаму располагаат со значителни количини јавно складирани итни резерви. Тие изнесуваат околу 1,1 милијарда барели нафта, од кои повеќе од 200 милиони барели се дизел.

„ИЕА е подготвена да ослободи дополнителни количества од овие резерви на пазарот доколку и кога тоа ќе биде потребно“, се наведува во соопштението објавено по состанокот.

Земјите членки на состанокот изразиле силна поддршка за одговорот на ИЕА на енергетските последици од кризата во Ормускиот Теснец и ја потврдиле посветеноста за целосно спроведување на мартовската колективна акција.

Воедно, тие ја нагласиле важноста ИЕА да продолжи да го следи напредокот во реализацијата на договорените мерки и редовно да обезбедува ажурирани анализи за состојбата на енергетските пазари.

Земјите членки ја поздравиле и неодамнешната изјава на лидерите на Г7 за глобалната енергетска безбедност и стабилноста на пазарите, особено акцентот ставен на важноста од непречено одвивање на трговијата со енергенси.

Секретаријатот на ИЕА најаува дека ќе продолжи да работи со земјите членки на следењето на спроведувањето на мартовската колективна акција. Состојбата треба повторно да биде разгледана на следниот состанок на Управниот одбор на ИЕА, кој е предвиден за следната недела.

Извор: IEA.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил