Г7 ќе ослободи 100 милиони барели нафта за стабилизирање на енергетските пазари

Лидерите на земјите од Г7 договорија координирано ослободување на 100 милиони барели нафта од резервите, со цел да се ублажат притисоците врз енергетските пазари и да се спречи натамошен раст на цените на горивата.

Одлуката е донесена на виртуелен состанок на лидерите на Г7, на кој главна тема била зголемената нестабилност на нафтените пазари и ризиците што високите цени на енергијата ги носат за економијата и домаќинствата.

Според заедничката изјава, ослободувањето на резервите ќе започне веднаш и ќе се реализира во период од четири месеци преку координација со Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА). Значаен дел од нафтата ќе биде ослободен во првите 20 дена, при што Г7 и партнерите ќе се фокусираат особено на дизелот, каде што пазарните притисоци се најизразени.

РЕКЛАМА

Земјите од Г7 најавија и координација на ремонтите на рафинериите, со цел да се избегне истовремено затворање на поголеми производствени капацитети и, каде што е можно, привремено да се зголеми нивната искористеност.

Истовремено, Г7 ќе ги охрабри земјите со значителни рафинериски капацитети да го зголемат производството на рафинирани нафтени производи, особено дизелот.

Лидерите побараа од ИЕА да го следи спроведувањето на преземените мерки и нивното влијание врз енергетската безбедност и стабилноста на пазарите. До 20 дена треба да биде подготвен извештај со конкретни препораки, вклучително и за повторно надополнување на стратешките резерви.

Г7 истовремено потврди дека земјите членки нема да воведуваат ограничувања на извозот на енергија и енергетски производи меѓу себе и ги повика производителите да избегнуваат забрани што би можеле дополнително да ги зголемат пазарните тензии.

Во изјавата се наведува и дека Г7 ќе продолжи да соработува со ИЕА и со меѓународните партнери за спречување на дополнителни нарушувања на пазарите на горива, гас и други суровини.

Лидерите ја поврзаа актуелната нестабилност и со нарушувањата на меѓународната трговија и енергетската безбедност во регионот на Блискиот Исток, при што повикаа на целосно воспоставување на слободата на пловидба низ Ормускиот Теснец.

Г7 најави дека внимателно ќе ги следи движењата на енергетските пазари и ќе биде подготвен да ги приспособи мерките доколку тоа биде потребно.

Извор: Consilium.europa.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил