Светската економија се соочува со истовремени притисоци од негативен шок врз понудата на енергија и позитивен шок врз побарувачката поттикнат од брзиот развој на вештачката интелигенција, предупреди директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.
Во говорот во Сингапур, пред годишните средби на ММФ и Светската банка, Георгиева посочи дека светската економија мора да се справи со три силни и меѓусебно поврзани фактори и тоа, забрзаното ширење на вештачката интелигенција, високите цени на енергијата и рекордните нивоа на јавниот долг.
Според неа, глобалниот јавен долг наскоро би можел да надмине 100% од светскиот БДП, со што би достигнал нивоа невидени од периодот по Втората светска војна. Особено се издвојуваат развиените економии, кои имаат меѓу највисоките нивоа на јавен долг.
Георгиева предупреди дека енергетскиот шок може да продолжи да врши притисок врз светската економија и доколку дојде до завршување на конфликтот на Блискиот Исток.
„Дури и ако војната во Заливот заврши наскоро, високите цени на енергијата веројатно би се задржале извесно време“, рече Георгиева.
Таа посочи дека цените на нафтата се движат околу 100 долари за барел, при што врз нив влијаат транспортните трошоци и други ризици поврзани со снабдувањето. Дополнителен проблем претставува нарушеното снабдување со природен гас од земјите од Заливот, поради ризиците за транспортот низ Ормускиот Теснец.
Според Георгиева, притисокот врз енергетските пазари може дополнително да се засили со приближувањето на зимата на северната хемисфера, кога земјите ќе го зголемат купувањето за пополнување на резервите.
Паралелно со енергетскиот шок, брзото инвестирање во инфраструктурата за вештачка интелигенција создава нов извор на побарувачка. Хардверот за вештачка интелигенција и поврзаните производи веќе сочинуваат повеќе од 10% од светската трговија со стоки, посочи директорката на ММФ.
Таа оцени дека вештачката интелигенција, доколку биде соодветно управувана, на долг рок може да придонесе со дополнителен раст на светската економија од до 0,5% годишно.
„Инвестицискиот бум го поттикнува економскиот раст, но истовремено, заедно со енергетскиот шок, ја засилува инфлацијата. Тој главно им користи на земјите кои учествуваат во синџирите на снабдување поврзани со вештачката интелигенција, додека многу други ги заобиколува“, додаде Георгиева.
Токму спротивставеното дејство на овие фактори – ограничената енергетска понуда од една страна и растечката побарувачка за енергија и инвестиции од друга – претставува дополнителен предизвик за економските политики.
Георгиева ги повика владите да не ги одложуваат неопходните мерки и да спроведат кредибилни планови за фискална консолидација. Таа истовремено им порача на централните банки внимателно да ја задржат рестриктивната насока на монетарната политика, имајќи предвид дека инвестициониот бум поврзан со вештачката интелигенција, енергетските шокови и високото ниво на јавен долг можат дополнително да ги засилат инфлаторните притисоци.
Енергетика 24
