Јужна Кореја со план од 747 милијарди долари за енергетска транзиција до 2035 година

Јужна Кореја планира да мобилизира околу 747 милијарди долари до 2035 година за енергетска транзиција и декарбонизација, со стратегија што предвидува забрзан развој на обновливите извори, трансформација на индустријата и електрификација на транспортот.

Стратегијата „Кореја – зелена трансформација“ (K-GX), која владата ја претстави во средата, предвидува околу 149,5 милијарди долари државни расходи и повеќе од 590 милијарди долари климатско финансирање, додека приватниот сектор се очекува дополнително да инвестира околу 164,4 милијарди долари во рамки на иницијативата.

Еден од главните енергетски приоритети е зголемување на капацитетот од обновливи извори на 100 гигавати до 2030 година. Планот опфаќа изградба на нови соларни и ветерни капацитети, но и проширување на електроенергетската мрежа потребна за нивна интеграција.

РЕКЛАМА

Владата планира поддршка и за развој на зелен челик, напредни батерии, соларна и ветерна енергија, водород и мали модуларни нуклеарни реактори. Истовремено, во фокусот се и клучните технологии за чиста енергија, за кои Сеул сака да изгради домашни синџири на снабдување.

Значаен дел од стратегијата е насочен кон транспортот. Јужна Кореја има цел електричните и возилата со погон на водород да сочинуваат повеќе од 70% од продажбата на нови возила до 2035 година, што треба да придонесе за намалување на емисиите и поголема електрификација на транспортниот сектор.

Паралелно со развојот на чистата енергија, владата планира забрзана декарбонизација на пет индустриски сектори со најголеми емисии – производството на челик, петрохемиската индустрија, рафинериите, цементната индустрија и производството на полупроводници и дисплеи.

Стратегијата предвидува и развој на десет зелени индустрии, меѓу кои електричните возила, батериите, соларната и ветерната енергија, малите модуларни реактори, опремата за електроенергетскиот сектор, енергетските полупроводници, топлинските пумпи, водородот и технологиите за зафаќање, користење и складирање на јаглеродот.

Јужна Кореја има амбиција да стане еден од лидерите во глобалната индустрија за зелен челик, со план да биде првата земја што ќе произведува челик со намалена употреба на водород во масовно производство. Во исто време, ќе се поддржува развојот на напредни батерии и мали модуларни реактори.

Сеул планира и комерцијализација на тандемски соларни ќелии до 2028 година, како и развој на домашни синџири на снабдување за клучните технологии поврзани со чистата енергија.

Владата оценува дека стратегијата треба да одговори истовремено на зголемените климатски ризици, прашањата поврзани со енергетската безбедност и сè построгите глобални правила за јаглеродните емисии, но и да ја претвори декарбонизацијата во нов извор на економски раст.

Проектите што ќе добиваат поддршка преку климатското финансирање ќе се оценуваат и според нивниот придонес кон намалувањето на емисиите на стакленички гасови. За одделни индустриски сектори ќе бидат изработени и патокази за декарбонизација, со цел исполнување на климатските цели на земјата до 2035 година. Јужна Кореја има поставено цел за намалување на емисиите за 53 до 61% во однос на нивото од 2018 година до 2035 година и постигнување јаглеродна неутралност до 2050 година.

Претседателот Ли Џе–мјунг повика земјата да ја искористи својата технолошка и индустриска предност за да се позиционира меѓу лидерите на глобалната зелена економија.

„Мораме да се оддалечиме од практиката да ги следиме другите и самите да станеме креатори и лидери на зелениот пазар“, порача Ли.

Претседателот на групацијата СК, Чеј Те-вон, кој го предводи советодавното тело на приватниот сектор за иницијативата, оцени дека стратегијата покажува подготвеност на владата да сподели дел од инвестицискиот ризик со компаниите. Според него, неизвесноста околу технологиите, пазарите и идните политики досега ги правела компаниите повнимателни при носењето долгорочни одлуки за инвестиции во јаглеродната неутралност.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил