Србија, Србијагас и СОКАР потпишаа договор за гасна електрана од 500 MW во Ниш

Електростопанството на Србија (ЕПС), „Србијагас“ и азербејџанската државна нафтена компанија СОКАР потпишаа договор со кој се отвора патот за реализација на проектот за изградба на комбинирана гасно-парна електрана во Ниш, со планирана моќност од 500 MW.

Договорот за развој на проектот предвидува и основање заедничко друштво на трите компании, кое ќе ја координира подготовката на инвестицијата. Планот е електраната да биде изградена во следните четири години, а во наредниот период приоритет ќе биде завршувањето на техничките и економските анализи и потребната проектна документација, соопшти Министерството за рударство и енергетика на Србија.

Договорот го потпишаа генералните директори на ЕПС и „Србијагас“, Душан Живковиќ и Душан Бајатовиќ, и советникот на претседателот на СОКАР за развој и портфолио и генерален директор на СОКАР Турција, Елчин Ибадов.

РЕКЛАМА

На потпишувањето присуствуваа министерката за рударство и енергетика во техничкиот мандат Дубравка Ѓедовиќ Ханданoвиќ и амбасадорот на Азербејџан во Србија, Тахир Тагизаде.

„Бидејќи проектот за гасната електрана во Ниш веќе е во напредна фаза на подготовка, основањето заедничко друштво, што е следниот чекор по денешното потпишување, ќе овозможи уште поефикасна и посилна соработка во подготовката на изградбата на енергетскиот објект, кој е многу важен за нас за производство на електрична енергија, балансирање на системот и привлекување инвестиции во јужна Србија“, изјави Ѓедовиќ Ханданoвиќ.

Таа оцени дека енергетското партнерство меѓу Србија и Азербејџан, кое опфаќа и снабдување со гас и производство на електрична енергија, претставува основа за развој на проектот.

„Тоа е добра основа за развој на проект од долгорочно значење за Србија, пред сè поради растечката потрошувачка на електрична енергија и потребата од почисти извори на енергија, а гасот е таков во споредба со јагленот и мазутот и претставува преодно гориво во процесот на енергетската транзиција“, рече министерката.

Според генералниот директор на ЕПС, Душан Живковиќ, веќе е завршена претходната студија за оправданост, усвоен е Просторниот план на градот Ниш, а се договорени и изработката на планската документација и студијата за приклучување на преносниот систем.

Ангажиран е и проектант, а започна изработката на студијата за оправданост и техничката документација.

Живковиќ претходно изјави дека ЕПС активно работи на проектот со цел изградба на високоефикасна гасно-парна електрана со моќност од 500 MW.

„Во време на енергетска транзиција и сè поголеми и поинтензивни глобални предизвици, императив се новата енергија и новите мегавати. ЕПС е решен да ја обезбеди енергетската сигурност и да ги диверзифицира изворите и да го користи гасот како транзитен енергенс“, изјави тој.

Од СОКАР оценија дека потпишувањето претставува важен чекор во енергетското партнерство меѓу двете земји.

„Денешното потпишување е многу важен чекор за Азербејџан и се надоврзува на меѓудржавниот договор и го одразува пријателството што нашите две земји го развија преку енергетското партнерство. Овој договор им овозможува на СОКАР и ЕПС заеднички да развиваат комбинирана гасно-парна електрана во Ниш“, рече Ибадов.

Тој додаде дека Србија и Азербејџан заеднички ќе изработат техничка студија за изводливост со тим од инженери, по што целта е да се донесе заедничка инвестициска одлука.

Во заедничкото друштво на ЕПС, „Србијагас“ и СОКАР, српските компании ќе имаат вкупно 50% сопственички удел, додека останатите 50% ќе бидат во сопственост на азербејџанската страна.

Договорот ги утврдува правата и обврските на компаниите, начинот на заедничко управување и едногласното донесување на клучните одлуки во подготвителната фаза, како и начинот на финансирање на активностите поврзани со развојот на проектот.

Пред потпишувањето беше одржан и првиот состанок на Управувачкиот комитет на проектот, на кој беа разгледани активностите поврзани со развојот и реализацијата на идната гасна електрана во Ниш.

Извор: N1.info.rs

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил