Макрон бара од ЕУ да ги ублажи енергетските правила поради високите цени на горивата

Францускиот претседател Емануел Макрон побара од Европската комисија привремено да ги ублажи дел од правилата за горивата и да го одложи воведувањето санкции за компаниите што не ги исполнуваат обврските за пријавување на емисиите на метан, во услови на раст на цените на енергенсите.

Барањето е упатено до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во писмо испратено минатата недела, објави „Политико“.

Макрон бара за една година да се одложи примената на новите правила со кои на нафтените и гасните компании би можеле да им бидат изречени казни доколку не ги пријавуваат емисиите на метан. Регулативата има за цел да го намали испуштањето на метан, еден од најмоќните стакленички гасови, кој се ослободува при производството и транспортот на јаглен, нафта и природен гас.

РЕКЛАМА

Правилата, сепак, наидоа на критики од американската администрација и од индустријата за фосилни горива, кои предупредуваат дека дополнителните обврски би можеле да го отежнат увозот на енергенси во Европа и да влијаат врз сигурноста на снабдувањето.

Европската комисија веќе им препорача на земјите членки да не изрекуваат казни за прекршителите до крајот на 2029 година. Франција, сепак, бара Брисел формално да го одложи применувањето на правилата за уште една година, со цел да се обезбеди поголема правна сигурност за компаниите што увезуваат фосилни горива.

Макрон предлага и привремено ублажување на европските правила за квалитетот на горивата. Станува збор за правила што регулираат параметри како густината и испарливоста на горивата. Париз бара и да се овозможи поголем удел на биогорива во дизелот.

„Сметам дека е корисно да ви укажам на неколку точки кои, доколку бидат разгледани и спроведени на европско ниво, би можеле заеднички да ги зајакнат нашите капацитети за увоз и производство на краток рок“, напишал Макрон во писмото до Фон дер Лајен.

Барањето доаѓа во период на зголемена нестабилност на енергетските пазари, откако конфликтот на Блискиот Исток ги турна цените на нафтата кон највисоките нивоа од мај, додека цените на природниот гас се повеќе од двојно повисоки во споредба со периодот пред американските и израелските напади врз Иран во февруари и затворањето на Ормускиот Теснец.

Високите цени на горивата создаваат дополнителен притисок врз француската влада, која има ограничен простор за ново намалување на даноците на горивата поради состојбата со јавните финансии.

Франција досега користеше субвенции за најпогодените сектори, а владата најавува и дополнителни мерки за ублажување на последиците од високите цени.

Макрон истовремено најави и состанок на Г7 на кој треба да се разговара за растот на цените на горивата и пошироките економски последици од кризата на Блискиот Исток.

Франција засега не планира општо намалување на даноците на горивата, бидејќи таквата мерка би ги намалила буџетските приходи во период кога Париз се обидува да го намали буџетскиот дефицит.

Извор: Politico.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил