Претставници на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО, предводени од генералниот директор Зоран Ѓорѓиевски, учествуваа на 21. Форум на Енергетската заедница за природен гас, што се одржа вчета во Виена под покровителство на Европската комисија.
Форумот ги собра европските и регионалните институции, регулаторите, операторите на системи и пазарните учесници за да разговараат за идниот развој на европските и регионалните пазари на природен гас, интеграцијата на пазарите и прекуграничната трговија.
Во фокусот на разговорите беа иднината на европската гасна мрежа, влијанието на геополитичките случувања врз снабдувањето, примената на мрежните кодекси, развојот на прекуграничната инфраструктура и можностите за трговија со природен гас.
За Македонија, учеството на МЕМО доаѓа во период кога компанијата треба да преземе нова пазарна функција – воспоставување и управување со пазарот на природен гас.
Владата го задолжи МЕМО да подготви сеопфатен план за воспоставување на пазарот, кој треба да ги опфати организациските, техничките, ИТ, законските и финансиските аспекти неопходни за негово функционирање.
Со тоа, МЕМО, кој досега ја има развиено и оперативно ја спроведува функцијата на организатор на пазарот на електрична енергија, треба да го прошири своето делување и на природниот гас.
Правната основа за организирање и управување со пазарот на природен гас како регулирана енергетска дејност од јавен интерес е поставена со Законот за енергетика од 2018 година. Во процесот на утврдување на моделот за оператор на пазарот биле разгледувани различни европски и регионални решенија, вклучително и целосно либерализирани и хибридни модели.
Еден од аргументите за определување на МЕМО е постоењето на веќе воспоставена инфраструктура и искуство во управувањето со енергетски пазари. Компанијата располага со ИТ-платформа, систем за пазарно порамнување и институционален капацитет што може да се искористи и за новата пазарна функција.
Воспоставувањето на пазарот на природен гас е особено значајно во услови на засилено регионално поврзување на гасните пазари и развој на нова прекугранична инфраструктура. Македонија паралелно работи на гасните интерконектори со Грција и Србија, како и на приклучувањето кон регионалниот Вертикален гасен коридор.
Учеството на МЕМО на форумот во Виена, оттаму, овозможува директен увид во европските практики и искуства во организирањето на гасните пазари, како и размена со оператори и институции од регионот и ЕУ.
За МЕМО, ова претставува подготовка за процесот во кој од оператор на пазарот на електрична енергија треба да прерасне во интегриран оператор со надлежности и во пазарот на природен гас.
Извор: МЕМО
