ЕУ со нови правила за дата-центрите: задолжително откривање на потрошувачката на енергија и вода

Брисел воведува нов систем за оценување на одржливоста на дата-центрите што ќе ја опфати нивната потрошувачка на електрична енергија и вода, употребата на чиста енергија и начинот на кој управуваат со отпадната топлина.

Новите правила, кои ќе почнат да се применуваат од август 2027 година, предвидуваат големите дата-центри да добиваат ознака од А до G, слично како енергетските ознаки кај домашните апарати. Европската комисија очекува системот да донесе поголема транспарентност и да создаде притисок операторите да ја подобрат ефикасноста.

„Ова ќе донесе многу поголема транспарентност и, се надеваме, ќе создаде поттик дата-центрите да бидат што е можно поодржливи“, изјави европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен за POLITICO.

РЕКЛАМА

Системот ќе биде поширок од досегашните шеми за енергетско оценување што постојат во земји како Австралија и Сингапур. Покрај потрошувачката на електрична енергија, ќе се следи и потрошувачката на вода, уделот на чистата електрична енергија, како и можноста за повторно користење на топлината што ја создаваат дата-центрите.

Особено важен е енергетскиот аспект. Дата-центрите веќе сочинуваат околу 2,5% од потрошувачката на електрична енергија во ЕУ, а Европската комисија очекува нивниот удел дополнително да расте со забрзаното ширење на вештачката интелигенција.

ЕУ истовремено сака значително да го зголеми капацитетот на дата-центрите во Европа за да може да го поддржи развојот на ВИ и да ја намали зависноста од американските технолошки компании. Според проценките објавени претходно, капацитетот на дата-центрите во ЕУ би можел да порасне од околу 12 GW на 28 GW до 2030 година.

Но, Брисел предупредува дека ваквиот раст не смее да создаде дополнителен притисок врз електроенергетските системи, водните ресурси и климатските цели на Унијата.

ФОТО / ЕУ

„Мораме да се справиме со ова на начин што дата-центрите во иднина нема да бидат нешто што ќе им наштети на нашите енергетски системи, а со тоа и на нашата конкурентност и способност да ја декарбонизираме економијата и да обезбедиме сигурно снабдување за граѓаните“, рече Јоргенсен.

Ознаката ќе се генерира автоматски еднаш годишно врз основа на податоците што компаниите веќе се обврзани да ги доставуваат според правилата на ЕУ за енергетска ефикасност. Сепак, Европската комисија во придружен извештај констатира дека усогласеноста е ниска – потребните податоци во моментов ги пријавуваат само 36% од дата-центрите во ЕУ.

За помалите дата-центри ознаката во почетокот ќе биде доброволна. Но, Комисијата најавува дека во пролетта 2027 година ќе предложи и задолжителни минимални стандарди за ефикасност. Тие би вовеле конкретни прагови за новите дата-центри, како и за постојните капацитети што се реконструираат.

Со тоа ЕУ сака да постави појасни правила за брзото ширење на инфраструктурата потребна за ВИ, без да се загрози целта за климатска неутралност до 2050 година.

Европскиот комесар за енергетика порача дека растот на дата-центрите не треба да биде спротивставен на климатската политика, туку да се одвива паралелно со неа. Тој оцени дека транспарентноста може да им помогне и на самите технолошки компании, во услови кога во делови од Европа и САД расте отпорот кон дата-центрите поради нивната голема потрошувачка на струја и вода.

Во исто време, Брисел засега не планира на ниво на цела ЕУ да бара секој дата-центар задолжително да обезбедува сопствена чиста енергија. Според Јоргенсен, тоа останува одлука на националните власти, иако земји како Шпанија веќе разгледуваат построги барања за сопствено обезбедување обновлива енергија.

Новата регулатива е донесена како делегиран акт, што значи дека може да стапи во сила без формално одобрување од земјите членки и Европскиот парламент. Сепак, тие имаат рок од два месеца да поднесат приговор.

„Сакаме ВИ, сакаме дата-центри и сакаме Европа да биде место за инвестиции, но тоа мора да го правиме на одржлив начин“, порача Јоргенсен.

Извор: Politico.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил