JPMorgan: Не знаеме како ќе заврши нафтената криза – 10 милиони барели дневно надвор од пазарот

JPMorgan за првпат од почетокот на американско-израелскиот конфликт со Иран нема јасна основна проекција за движењето на нафтениот пазар, оценувајќи дека сè уште не е можно да се моделира како и кога би завршила кризата.

„Едноставно не знаеме како да го моделираме крајниот исход“, наведуваат аналитичарите на банката во најновата анализа.

Шест месеци по почетокот на конфликтот, според JPMorgan, се надминати повеќе од праговите за кои на почетокот се претпоставувало дека американската администрација нема да ги премине, додека јасна излезна стратегија сè уште не се наѕира.

РЕКЛАМА

Цената на нафтата во меѓувреме се искачи над 100 долари за барел. JPMorgan проценува дека фер вредноста на Брент за септември е околу 90 долари за барел, додека актуелната цена е околу 106 долари, што укажува дека пазарот веќе го вградува ризикот од дополнителни загуби на понудата.

Банката проценува дека досега се нарушени околу 10 милиони барели дневно од глобалната понуда на нафта.

Дополнителен ризик претставуваат заканите за транспортот преку теснецот Баб ел-Мандеб, нападите што ги погодуваат саудиските извозни рути, како и продолжените напади врз руската инфраструктура за преработка на нафта и врз украинските градови. Сето тоа ја одржува високата геополитичка неизвесност околу глобалното снабдување.

Сепак, цените на нафтата не пораснаа толку силно колку што првично се очекуваше. Според JPMorgan, причина за тоа е што пазарот многу повеќе се потпира на намалување на побарувачката, а многу помалку на повлекување од залихите.

Глобалните залихи на сурова нафта и рафинирани производи се намалиле за околу 555 милиони барели од почетокот на конфликтот. Тоа е само околу една третина од падот што JPMorgan го очекувал претходно годинава.

Во исто време, глобалната побарувачка за нафта е околу 4,4 милиони барели дневно под нивото од пред една година, што значително ги ублажува последиците од нарушувањата на понудата.

„Со многу поголемо потпирање на намалувањето на побарувачката и многу помало на повлекувањето од залихите, пазарот успеа да апсорбира извонредно големо нарушување на понудата без траен раст на цената на суровата нафта“, наведува банката.

Откако започна конфликтот, Брент во просек се тргувал по околу 94 долари за барел.

Состојбата е особено чувствителна пред зимата. Американската цена на дизелот достигна рекордни 6,31 долар за галон, додека залихите се на историски ниско ниво. Бензинот во САД, пак, достигна 4,37 долари за галон.

И покрај тоа, JPMorgan смета дека на глобалниот пазар сè уште има значителни резерви, особено во Кина, Европа, Јапонија и Јужна Кореја. Тие залихи претставуваат одреден тампон доколку нарушувањата на снабдувањето продолжат и би можеле да ја ограничат потребата за нагло зголемување на цените во краток рок.

Но, просторот постепено се намалува.

Доколку нарушувањата на снабдувањето од Блискиот Исток продолжат, JPMorgan очекува цените на нафтата подоцна годинава да бидат под поголем притисок нагоре, бидејќи залихите ќе продолжат да се намалуваат, а пазарот сè повеќе ќе зависи од намалувањето на побарувачката за да се одржи рамнотежата.

„Накратко, сè уште има доволно простор за маневрирање за цените засега да останат под контрола“, оценува JPMorgan.

Во меѓувреме, проценките за глобалната понуда и побарувачка се разликуваат меѓу водечките енергетски институции. Меѓународната агенција за енергија минатата недела оцени дека глобалниот јаз меѓу понудата и побарувачката на нафта годинава ќе биде подлабок од претходно очекуваниот. ОПЕК, пак, и покрај петтото последователно намалување на прогнозата, сè уште очекува глобалната побарувачка за нафта да расте во 2026 година, за 380.000 барели дневно.

Клучното прашање за пазарот во следниот период ќе биде дали дополнителните нарушувања на понудата ќе продолжат да се апсорбираат преку намалување на побарувачката или постепеното празнење на залихите ќе создаде посилен притисок врз цените.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил