Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА дадено за време на престојот во Вашингтон вели дека дата-центрите се дел од идниот економски развој на Македонија и открива дека Владата разговара со компанијата Рамбл на Крис Павловски, како и со уште пет други компании за потенцијални инвестиции.
Мицкоски оценува дека развојот на дата-центрите е процес кој не може да се запре и дека државата мора да се насочи кон висока технологија и индустрии со поголема додадена вредност.
„Дата центрите се иднината. Тоа е процес којшто е неповратен. Човештвото се движи во таа насока, а секој кој има дилема, не и мисли добро на сопствената држава“, вели Мицкоски.
Во однос на потрошувачката на вода и системите за ладење, премиерот уверува дека дата-центрите за кои се разговара ќе бидат со затворен круг на разладување.
„Сите кои не се разбираат во високата технологија, зборуваат за бучава, за водено ладење. Ние сега имаме и воздушно ладење, и фреонско ладење, така што жалам што се уште кај нас постојат и такви политички сили и елементи кои се обидуваат да не вратат повторно во некои времиња на 19, почеток на 20 век, мислејќи дека на тој начин по пат на емоција ќе привлечат внимание, но мислам дека се политички губитници и ќе бидат поразени бидејќи македонските граѓани сакаат да ја видат државата како оди напред“, вели Мицкоски.
Тој открива дека Владата веќе разговара со Рамбл, компанијата на Крис Павловски, која неодамна презела компанија во Германија, но и со уште пет други компании.
„Го спомнавте Крис Павловски и Рамбл – тие сега направија аквизиција, купија компанија во Германија и сега се компанија од околу пет милијарди долари. Тоа е една сериозна групација која сериозно се развива. Да, разговараме со него. Меѓу другото имаме уште пет други компании со кои што разговараме“, вели премиерот.
Енергетиката како основа за дата-центрите
Развојот на дата-центрите, според Мицкоски, е поврзан со пошироката стратегија за развој на енергетската и инфраструктурната мрежа во земјата. Во интервјуто за МИА тој посочува дека со американската страна разговарал за капитални проекти во енергетиката и инфраструктурата, меѓу кои и за можно финансирање на Чебрен и Галиште.
„Разговаравме за можно финансирање на Чебрен и Галиште, разговаравме и за друг тип инфраструктурни и енергетски, податочни инвестиции што би ги правела Владата, а исто така и за приватни инвестиции кои што би дошле од Америка во Македонија“, посочува Мицкоски.
Тој вели дека Владата веќе разговарала со Американската корпорација за меѓународно финансисрање за развој – ДФЦ, со која е отворен канал за комуникација околу проектот Чебрен и Галиште.
„Наша цел како Влада е да обезбедиме финансирање на проектот Чебрен и Галиште. Од нивна страна има интерес, истиот проект беше презентиран, задолживме канал за комуникација меѓу Владата и ДФЦ, и тоа е добро“, вели премиерот.
Мицкоски во интервјуто го поврзува развојот на енергетската инфраструктура и со создавањето услови за нови високо-технолошки инвестиции.
Гасоводот како врска меѓу ЛНГ терминалот во Грција и Централна Европа
Како еден од стратешките енергетски проекти го издвојува гасоводот низ Македонија, кој треба да овозможи поврзување со ЛНГ терминалот во Александрополи и понатамошен пренос на гас кон Централна Европа.
„Треба поблиску во јавноста да се објасни што е целта на тој гасовод. Треба терминалот за втечнет природен гас, познат како ЛНГ терминал во Грција – Александрополи – да го поврземе со централна Европа, за да биде конкуренција на Јужниот Поток. Капацитетот е некаде околу три милијарди метри кубни, а ако се зголеми притисокот може да дојде и до шест милијарди“, вели Мицкоски.
Според него, значајна карактеристика на проектот е што гасоводот ќе биде двонасочен. Тој посочува дека досега земјата имала еден еднонасочен влез за гас преку Жидилово, со капацитет од околу 800 милиони кубни метри, односно до 1,2 милијарди кубни метри со зголемен притисок.
Мицкоски очекува до крајот на 2028 година да бидат завршени и двата клучни правци – гасоводното поврзување кон Грција и северниот интерконектор кон Србија.
„И тој ќе биде двосмерен, така што кога ќе ги завршиме овие два проекта, што јас очекувам да биде на крајот на 2028 година, геостратешката положба на земјата ќе биде сосема поинаква“, нагласува премиерот.
Во моментов, како што посочува, Македонија троши околу половина милијарда кубни метри гас годишно. Со новата инфраструктура, според неговото објаснување, би се отворил простор и за нови гасни централи, производство на електрична енергија и снабдување на високо-технолошки капацитети.
„Значи ќе имаме 12 пати зголемен капацитет за инвестиции, за гасни централи кои што би произведувале електрична енергија, која што потоа би се користела во некои податочни дата центри, потоа од нив би црпеле можности за вештачка интелигенција. Тоа е еден сериозен и озбилен план за развој на државата и каде би требала да се движи Македонија во иднина“, посочува Мицкоски.
Преносната мрежа како „тесно грло“
Премиерот како едно од ограничувањата за идниот развој го посочува капацитетот на високонапонската преносна мрежа.
„Ние сме одлично поврзани со нашиот северен и јужен сосед со далноводи на 400 киловолтно напонско ниво. Одлично сме поврзани и со нашиот источен сосед, еден 400 киловолтен далновод и два паралелени 110 киловолтни далноводи, и сега го градиме проектот со кој што ќе се поврземе со нашиот западен сосед, повторно со 400 киловолтен далновод“, вели Мицкоски.
Тој додава дека со завршувањето на овие проекти земјата ќе има значително посилна позиција во регионалниот пренос на електрична енергија.
„Со тоа ќе бидеме буквално енергетска крстосница кога станува збор за преносот на висок напон на електрична енергија. Сите овие проекти се критична инфраструктура. Сите овие проекти ја зголемуваат отпорноста во регионот, безбедноста и се многу значајни за источното крило на НАТО“, истакнува премиерот.
Три столба на економскиот развој
Мицкоски посочува дека целта на Владата е економскиот развој да се темели на три столба – инфраструктура, енергетска инфраструктура и висока технологија.
„Што е главната цел на оваа Влада? Економски развој кој што ќе се темели на три столба – инфраструктура – патна и железничка. Енергетска инфраструктура, производни капацитети и преносни системи. Трето – висока технологија меѓу која се и податочните, дата центри, но и диверсификација на преработувачката индустрија бидејќи најголем дел од нашите инвеститори кои се дојдени од странство во периодот 2008 – 2012 година се во автомобилската индустрија“, посочува Мицкоски.
Според него, целта е да се создаде високо-технолошка индустрија со поголема додадена вредност, што би придонела за раст на БДП и стандардот на граѓаните.
„Овој процес нема да биде за еден мандат. Ова е процес кој што треба да трае 2-3-4 мандати. Не велам дека оваа Влада ќе биде толку долго, ниту пак јас пледирам да бидам претседател толку долго во Владата. Но во суштина ова треба да биде национална стратегија, како треба да се развива државата. Овој процес е неповратен. Човештвото оди натаму и впрочем ние денес без вештачка интелигенција и некои податочни центри кои што некаде функционираат веќе не можеме да направиме ниту телефонски повик преку мобилен телефон“, вели Мицкоски во интервјуто за МИА.
Во интервјуто тој посочува и дека САД ја гледаат Македонија како приоритетен партнер во регионот и дека разговорите во Вашингтон опфатиле повеќе капитални проекти.
„Ценам дека во години кои што следат од ова стратешко партнерство ќе се изнедрат многу капитални проекти кои што ќе имаат историско значење“, порачува Мицкоски.
Енергетика 24
