Инвестициите во проекти што комбинираат соларни централи и батериски системи за складирање достигнаа рекордни 25 милијарди долари во првата половина од 2026 година, што покажува дека инвеститорите сè повеќе бараат начини да го намалат ризикот од нестабилните приходи на соларните проекти.
Вкупните глобални инвестиции во обновлива енергија во првите шест месеци од годинава достигнале 327,5 милијарди долари, според податоците на BloombergNEF, објавени од PV Magazine. Тоа е речиси исто ниво како во претходните шест месеци, но е 21% под рекордот од втората половина на 2024 година.
Најголемата промена се забележува во структурата на инвестициите. Капиталот сè повеќе се насочува кон проекти кои, освен производство на електрична енергија, имаат и можност да ја складираат и испорачуваат во периоди кога е најпотребна.
Соларот самостојно губи дел од интересот
Инвестициите во самостојни соларни фотоволтаични проекти во првата половина од 2026 година паднале за 20% на годишно ниво, на 75,4 милијарди долари. Тоа е најниско ниво од почетокот на големиот инвестициски бум во соларната енергија во 2021 година.
Причината е сè поголемиот проблем со приходите на соларните централи. Кога голем број соларни електрани произведуваат во истите часови, цените на електричната енергија паѓаат, а во некои периоди стануваат и негативни. Дополнителен проблем се ограничувањата на мрежата, поради кои дел од произведената струја не може да биде преземена.
Батериите нудат решение за дел од овие проблеми. Електричната енергија произведена во часовите со силно сонце може да се складира, а потоа да се продава или користи во периоди со поголема побарувачка и повисоки цени.
Токму затоа, инвестициите во комбинирани соларно-батериски проекти достигнале рекордни 25 милијарди долари во првите шест месеци од годинава. Тоа е речиси двојно повеќе од втората половина на 2025 година и трипати повеќе од инвестициите во истиот период лани.
САД и Австралија биле најголемите инвеститори во овој сегмент.
САД го забрзаа инвестирањето
САД биле втор најголем пазар за инвестиции во обновлива енергија, зад Кина, а пред Европската Унија. Инвестициите таму пораснале за 54% на годишно ниво.
Развојот бил поттикнат и од роковите за користење на даночните олеснувања, поради што инвеститорите забрзано ги финансирале проектите. Дополнителен фактор е растот на побарувачката за електрична енергија, меѓу другото поради брзото зголемување на бројот на центри за податоци.
Инвестициите во американската соларна енергија пораснале за 41%, достигнувајќи рекордни 45,8 милијарди долари, додека инвестициите во ветерна енергија достигнале 13,8 милијарди долари, повеќе од двојно во однос на претходната година.
Офшор ветерот во голем пад
Вкупните глобални инвестиции во ветерна енергија изнесувале 92,3 милијарди долари, што е пад од 27% на годишно ниво.
Најголем пад има кај офшор ветерните паркови. Инвестициите во овој сегмент се намалиле за дури 72%, под влијание на слабите резултати на аукциите, повисоките трошоци за капитал и финансирање и намалувањето на бројот на проекти кои се блиску до конечна инвестициска одлука.
Кај копнениот ветер падот бил многу помал – 4%, на 80,7 милијарди долари. Европа отстапува од глобалниот тренд, при што Германија, Романија и Србија забележале рекордни инвестиции по последните аукции за ветерни проекти.
Кина повеќе не доминира како порано
Кина во првата половина од 2026 година учествувала со околу една четвртина од глобалните инвестиции во обновлива енергија. Тоа е значително помал удел во споредба со 2022 година, кога на Кина отпаѓала повеќе од половина од глобалните инвестиции.
Промената се поврзува со реформите на кинескиот пазар на електрична енергија.
Во исто време, инвестициите во Виетнам се зголемиле четирикратно, додека вложувањата во Југоисточна Азија надминале 12 милијарди долари. Раст на инвестициите е забележан и во Нигерија, каде што се развиваат децентрализирани соларни и батериски системи, додека инвестициите во Централна Азија останале над 4 милијарди долари.
И покрај големиот обем на инвестиции, BloombergNEF очекува 2026 година да биде прва година по повеќе од една деценија во која глобалните нови инсталации на обновлива енергија ќе бидат помали од претходната година.
Според проценката, растот треба повторно да продолжи во 2027 година. Падот во 2026 година, сепак, покажува дека следната фаза на енергетската транзиција нема да зависи само од изградбата на нови соларни и ветерни капацитети, туку сè повеќе и од батериското складирање и способноста на мрежите да ја интегрираат произведената електрична енергија.

Извор: Pv-magazine.com
